Еден од најбогатите луѓе во светот и еден од најбрилијантните умови на денешницата, Бил Гејтс е oсобено строг родител. Во бројни интервјуа тој има потенцирано дека без оглед на неговото богатство и репутација, тој е родител со високи критериуми и очекувања од своите деца. Една од највпечатливите работи е неговиот однос кон технологијата.

Неговите 3 деца на возраст помеѓу 15 и 21 година израснале со забрана за користење на мобилен телефон до 14 годишна возраст. Мобилните и понатаму не се дозволени за време на семејните ручеци, како и претерано користење на истите генерално.

Човекот кој стои зад добар дел од модерната технологија, меѓу другото е и родител, кој се грижи за безбедноста на неговите деца. Според него, интернет безбедноста е еден од главните предизвици на родителите. Покрај тоа, тој е свесен и за зависноста која ја создаваат мобилните телефони и технологијата воопшто. Претераното користење на технологија речиси секогаш резултира со бесцелно трошење на времето.

Гејтс не е единствениот кој спроведува строги правила по ова прашање. Речиси сите моќници од светот на технологијата го следат неговиот пример. Токму луѓето кои ја креираат технологијата, веројатно, најдобро ги знаат негативните ефекти на истата. Технологијата е одличен начин за олеснување на животот, едуцирање, комуницирање со светот и сл. Меѓутоа, вниманието кое луѓето го посветуваат, често, оди во погрешна насока.

Оваа проблематика допрва зема замав. Очекувано би било во иднина големите компании од сферата на технологијата да понесат колективна одговорност. Односно да се насочат кон создавање механизам со кој ќе им помогнат на родителите да го менаџираат користењето на технологијата кај децата.

Извори: Business Insider, Mirror

Претходна статијаДобродојдовте во виртуелната реалност? Добродојдовте во иднината?
Следна статијаGM во 2019-та ќе претстави автономно возило без волан и педали