Бојана Стојменовиќ од Мој Психолог со нас дискутираше за тоа какво е влијанието на социјалните медиуми во ера на ИТ, што можеме да направиме во врска со тоа од психолошки аспект, како и од каде се родила идејата да направи сопствена фејсбук страница.

1. За тие што не те знаат, која е Бојана Стојменовиќ? 

Повеќето веќе ме препознаваат преку мојата страна на Фејсбук како Мој психолог. Инаку сум психолог, семеен и системски советник, во процес на доедукација за психотерапевт. Имам 27 години и моментално го подготвувам моето истражување во рамки на мојата магистратура од областа на Развојна психологија. Некако за мене процесот на  образование не застанува и секогаш наоѓам некој нов предизвик.

Од први октомври минатата година официјално го отворив и Мој психолог, каде што сум фокусирана во советодавната работа со клиенти и одржувањето на психоедукативни работилници на различни теми од областа на психологијата. Во слободно време сакам да читам квантна физика, да сликам и да спортувам. Секако, најдрагоцени моменти ми се оние кои ги поминувам со моите најблиски.

2. Од каде идејата за Мој Психолог?

Мој психолог е идеја која што со години се развиваше во мојата глава. Главната цел ми беше да пронајдам начин психологијата да им ја доближам на луѓето. Сеуште постојат разни митови и предрасуди за мојата професија. Пример, луѓето сметаат дека на психолог одат само луѓе со тешки проблеми и ментални потешкотии.  Затоа мене ми е предизвик да ги деблокирам тие погрешни ставови.

Приказната за Мој психолог започна како страна на Фејсбук на која секојдневно објавував разни содржини од областа на психологијата. Со нив покривав многу различни теми. Потоа приказната ја продолжив преку одржување на психоедукативни работилници. Тие беа на различни теми за кои увидов дека се најзастапени кај нас. Сето тоа заедно допринесе да се формира Мој психолог. Главната идеја сеуште ми е да ги информирам и будам луѓето за процесите кои што се случуваат длабоко во нас. Сакам да освестувам делови од несвесното и да им помагам да ги надминат потешкотиите.

3. Живееме во ера на ИТ. Како влијае тоа на развојот на личноста?

Денес живееме со свет каде што се ни е достапно. Нови информации од светот, запознавање на нови луѓе, пронаоѓање на партнер, буквално се’. Од сето тоа и уште многу друго нас не’ дели само еден клик или апликација. Секако дека е ова напредок во технологијата и човештвото, но јас лично мислам дека човекот како индивидуа почнува да стагнира во овој виртуелен свет кој што го создадовме. Од примарно социјално суштество – човекот станува аутистичен. Некако и комуникацијата станува поинаква. Полесно е да се комуникацира на социјални мрежи каде што може да се праќаат стикери и емотикони. Тоа во реалниот живот е невозможно и во комуникацијата треба да се вклучат емоциите. Многу често и односите стануваат конфликтни, само поради несоодветната комуникација. Ова особено се забележува во партнерските релации.

4. Последните студии велат дека социјалните медиуми ја зголемуваат анксиозноста и депресијата меѓу луѓето. Зошто се случува тоа и како да се постапи?

Депресијата и анксиозноста се навистина во сериозен подем на светско ниво. Тоа според мене е навистина поразително. Особено затоа што помладите генерации стануваат се позасегнати. Зошто е тоа така? Нема една причина, нема еден фактор, затоа што ако беше така тогаш овие проблеми одамна ќе беа искоренети. Ако јас лично би можела да издвојам два најважни, тоа секако би биле начинот на комуникација и притисокот од социјалните мрежи. Комуникацијата брутално и агресивно се сведува, па ние се помалку преферираме да се социјализираме лице – во лице. Најлесен начин, па и најпристапен ни е да ги користиме социјалните мрежи, апликации и мобилните телефони. Тоа длабоко во нас, постемено создава чувство на оттуѓеност, алиенираност, па и осаменост.

Ние луѓето сме примарни социјални битија, така растеме и така созреваме на личен, па и професионален плаб. Од друга страна, пак, притисокот кој што ни го прават социјалните мрежи е поинаков. Тој дава искривена верзија на некој идеален живот, работа, физички изглед итн. Сето ова заедно води кон чувство на помала вредност, помала самодоверба, повлекување, фрустрации и внатрешни конфликти. Ако зборувам метафорички, тогаш одењето на психолог би било потреба да си го рестартираме животот.

5. Ако ја завртиме работата од друга страна, колку ИТ може да помогне за примена на знаењата од психологија и да им се помогне на луѓето во критични ситуации?

Како што претходно споменав, денес, повеќе од било кога информациите ни се достапни на дланка. Психологијата на тој начин им станува и поблиска на луѓето, па повеќе не е толку табу тема во нашето опшстество. Мојот избор да го одберам Фејсбук како главен канал преку кој што сакав да се поврзам со пошироката маса не беше случаен. Искрено, не згрешив. Често пати луѓето кои што доаѓаат кај мене, ми кажуваат како прочитале некој текст на страната, па симптомите или состојбата ја препознале кај себе си. Тоа за мене е охрабрувачки и затоа во иднина планирам и поголеми проекти и имам уште неколку интересни идеи.

6. Што имаш да им порачаш на нашите читатели?

Сакам да ги охрабрам луѓето да се грижат и да инвестираат во своето ментално здравје. Посетата на психолог не е страшна, напротив може да биде многу богата со нови искуства, знаење и себеспознавање. Ова е главната порака која што сакам да ја пренесам.

Претходна статијаApple ќе го отстрани „изрезот“ од нивните OLED екрани
Следна статијаSpring Creators Update ќе биде името на пролетната поголема надградба на Windows 10