USB стандардот континуирано добива подобрувања, кои овозможуваат поголем трансфер на податоци и побрзо полнење на уредите преку овој стандард, особено кај оние со Type-C приклучок. Сега, претставена е USB 3.2 спецификацијата, која ќе овозможи вртоглави 20 Gbps трансфер на податоци.

Ова е постигнато благодарение на новата линија во кабелот, а во однос на USB 3.1 стандардот. Интересно, новите брзини можат да се постигнат и со USB 3.1 Type-C каблите, но само оние со Superspeed сертификација. Од USB Type-C каблите што ги има во продавниците пак, голем број немаат ниту USB 3.1 брзина, па затоа треба добро да прочитате пред да купите, нормално доколку сакате максимална USB 3.2 брзина со трансфер од 20 Gbps.

Овие бројки сепак се само едната страна од приказната. Да, USB 3.2 стандардот ќе овозможи многу повисоки брзини на трансфер, но за вистински брзо префрлање на датотеки ќе треба да се зголеми и брзината на дисковите, односно USB стикчињата – најбрзите од нив се 10-тина пати побавни од можностите на кабелот.

Од друга страна, USB 3.2 би бил многу подобар за користење во системи со надворешна графичка картичка, како на пример Razer Core куќиштето, кое може да се поврзе со лаптоп и да ги подобри неговите гејминг перформанси.

Првите уреди со USB 3.2 стандардот ќе пристигнат наредната година и тоа скоро сигурно нема да се случи уште на почетокот, бидејќи стандардот се финализира и ќе биде готов на крајот од оваа година. Очекувајте прво да биде достапен во лаптопи од високата класа и гејминг матични плочи. И да, во моментов не е поддржан од ниту еден уред, што значи дека купување на нов USB 3.2 кабел нема да ја зголеми вашата брзина.

Извор: Engadget, The Verge, ARSTechnica

Претходна статијаGoogle DeepMind компјутерот со вештачка интелигенција сега може да ја замисли и иднината
Следна статијаJUKEBOX2 – новата апликација која дава нова димензија на забавите во вашиот омилен локал