2016-10-30-image-3

Американската компанија Tesla на чие чело е познатиот Елон Маск, покажува дека нема да биде само производител на автомобили, туку воопшто на секаков вид на зелена технологија. Нивниот најнов производ изработен во колаборација со SolarCity се покриви за куќите со вградени соларни панели, кои треба да овозможат напојување на домовите со електрична енергија само преку сонцето.

Предноста на овие соларни покриви во однос на конкурентните е што воопшто нема да личат така, односно ќе изгледаат како обичен покрив. Има четири различни дизајни: Tuscan, Slate, Smooth и Textured, кои според тоа што може да го видиме на фотографиите, изгледаат прилично модерно и искрено не би се противел на тоа да имам еден Slate покрив на мојот иден дом…

2016-10-30-image-4

Новиот покрив на Tesla ќе има вградени грејачи кои ќе можат да го одмрзнат снегот во зима, прашање кое верувам уште веднаш си го поставивте. Во комбинација со PowerWall 2 батеријата за домовите со капацитет од 14 kWh, пак, SolarCity покривите ќе можат да ја зачувуваат енергијата која не се користи преку ден, за потоа да им биде достапна на корисниците преку ноќ. Во превод, ова е решение кое би можело да овозможи целосно да се исклучите од електричната мрежа.

Она што засега не ни е познато е цената на овие покриви, кои според целата технологија која ја има во нив, би требало да чинат многу, многу пари. Батеријата PowerWall 2 пак чини 5.500 долари во САД, што ќе биде веројатно само мал дел од целосната вредност на системот.

Извор: Fox, The Verge, TechSpot

Претходна статијаЏон Ајви: MacBook нема да има дисплеј на допир, но ќе има уште иновации покрај Touch Bar
Следна статијаGoogle ја зајакнува филтрацијата на апликациите во Play Store