samsung-hq

Оваа недела можевме да прочитаме дека новите Samsung телевизори кои што доаѓаат со можност за гласовни команди, го слушаат и снимаат секој разговор во нивна близина. Се разбира тоа се прави со цел да се овозможат гласовните функции кои што вклучуваат и пребарување на интернет, а за нивно функционирање потребен е систем за препознавање на говорот кој што најчесто функционира од облакот.

Денес Samsung излезе со одговор и објаснување на овие обвинувања, а исто така ја промени политиката за приватност која што беше спорна во овој случај. Она што предизвика реакции беше следната реченица од политиката:

Ве молиме да бидете свесни дека ако вашите кажани зборови вклучуваат лични и други сензитивни информации, тие информации ќе бидат помеѓу податоците снимени и испратени до трета страна со користењето на Voice Recognition функцијата.

Samsung во своето објаснување истакнува дека тие се грижат за приватноста на податоците од нивните корисници и дека тие се енкриптирани во процесот на трансфер. Исто така, го објаснуваат начинот на работа на системот за препознавање на гласовите кој што работи на основа на два микрофона, едниот во телевизорот, а другиот во далечинскиот управувач.

Корисниците можат да користат неколку претходно одредени команди за контрола на телевизорот, функција која што се извршува локално, односно без потреба од поврзување со облакот. Доколку корисниците користат гласовни команди кои што не се претходно одредени, како што е барање за предлог за одреден филм, ваквите команди мораат да бидат пуштени во облакот каде што ќе биде препознаени за да може да се даде одговор.

Вториот начин на користење на командата е тој кој што го прави проблемот. Прашањето кое што се поставува е дали микрофоните цело време слушаат и праќаат информации до серверите или само кога тоа ќе биде побарано од корисникот кога сака да ја користи функцијата. Како и да е, корисниците можат целосно да ја исклучат функцијата која што сепак ќе оневозможи користење на одредени гласовни команди.

Во променетата политика за приватност, односно делот кој што се однесува на гласовните команди, Samsung подобро објаснува што се случува при користење на оваа функција. Во политиката е истакнато дека одредени команди можно е да бидат испратени до претходно споменатата компанија Nuance Communications, кои што и го овозможуваат препознавањето на командите. Исто така се истакнува дека никакви податоци не се испраќаат доколку не се притисне копчето кое што ја активира функцијата.

Иако овие денови Samsung беше во центарот на обвинувањата од оваа област, сепак тие не се единствените кои што нудат ваков вид на сервиси. Можеби уште не сме научени дека и телевизорите ќе станат уште еден поврзан уред кој што треба да го мислиме од аспект на приватноста. Мобилните телефони веќе подолго време нудат можност за гласовни команди, а тие веќе функционираат и без потреба од притискање на копче.

Извор: Samsung Tomorrow, Cnet

Претходна статијаApple ќе инвестира 848 милиони за изградба на огромна фарма за соларна енергија
Следна статијаAsus го претстави мега тенкиот ултрабук Zenbook UX305
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.