room2room

Веројатно многумина од Вас неодамна го гледаа новиот Star Wars: The Force Awakens и се потсетија на една од најкул работите кои ни ги има донесено научната фантастика – зборувањето со друг човек преку холограми.

Доколку и вие сте како мене и нестрпливо очекувате да пробате како е да се разговара со друг човек во облик на холограм, еве една добра вест – Microsoft развива нов систем наречен Room2Room кој ќе го овозможи тоа, односно ќе го донесе соговорникот буквално во вашата соба!

Room2Room ќе биде систем кој ќе работи во „Изменета Реалност“, но претпоставувам дека кога ќе биде финализиран, ќе може да се интегрира и во системите за „Виртуелна Реалност“ и да се користи за играње игри – на пример противникот да биде токму Вашиот пријател, во природна големина и реално време!

Сепак, првата и основна примена е за поприродно зборување со соговорниците. Системот работи со актуелната технологија на Microsoft – за снимање е задолжена Kinect камерата од Xbox One и неколку проектори, кои потоа треба да ја пуштат 3D сликата во другата соба. Да, ова значи дека барем во почеток, системот веројатно ќе чини повеќе пари, но тука зборуваме за холограми и нема смисла да се споменува цената на чинење, нели?

Тимот од Microsoft, кој стои зад проектот наречен Room Alive го тестирал новиот уред со сложувалка, која играчите требале да ја решат во најбрзо можно време. Така, при тестирањето, играчите ја решиле сложувалката за 4 минути кога таа била до нив, за 9 минути преку Skype видео повик и за 7 минути користејќи го системот Room2Room.

Ова се должи на тоа што системот се уште не е подготвен, односно е во многу рана фаза на тестирање. Во моментов, сликата која се пушта на другиот корисник е со многу слаба резолуција и не продуцира вистински 3D резултати. Сепак, ова би можело драматично да се промени со HoloLens очилата, кои ќе овозможат просторно гледање на холограмите – токму како во научно фантастичните филмови.

Кога би можел овој систем да биде достапен за корисниците е рано да се каже – може да поминат и неколку години, но Microsoft е очигледно детерминиран да го развие еко системот за изменета реалност, односно можноста за поставување на 3D дигитални објекти во просторот кој Ве опкружува.

Извор: Windows Central, The Next Web, ZDNet

Претходна статијаIntel Skylake процесорите ќе имаат поддршка на Windows 7 и 8.1 уште само 18 месеци
Следна статијаЊујорк има бесплатна јавна Wi-Fi мрежа со брзина од преку 400 Mbps