HoloLens на Microsoft е еден навистина импресивен продукт, кој за жал уште не е пробиен на пазарот поради високата цена. Сепак, Microsoft сигурно планира да ја искористи популарноста и веќе во наредната генерација да постигне поголеми бројки на продажба, за што тие ќе направат и неколку промени во производот.

Најголема промена ќе биде новиот ко-процесор за вештачка интелигенција, која ќе овозможи машинско учење. Досега, машинското учење кај HoloLens се извршуваше преку Cloud можностите, што на моменти знае да биде многу бавен процес кој зависи од брзината на интернетот, но и квалитетот на интернет мрежата и сл. Затоа, со овој процесор, Microsoft ќе може да овозможи многу поквалитетно искуство за своите корисници.

Според Сатја Надела, тие се особено возбудени за можностите кои во иднина ќе може да ги понудат измешаната (виртуелна и изменета) реалност и вештачката интелигенција, односно машинското учење. Поточно, тој смета дека тие се иднината на компјутерите и затоа вградувањето на еден ко-процесор за вештачка интелигенција во своите производи, како на пример HoloLens, ќе придонесе чекор во таа насока, односно ќе ги направи таквите уреди интелигентни.

Очекувано, Microsoft не е единствениот производител кој ќе става такви чипови во некој свој уред. Во блиска иднина, нив очекувајте се повеќе и повеќе да ги гледате во смартфоните – Apple најверојатно ќе вгради еден таков во iPhone наредната година, додека Google спрема сличен чип кој ќе може да им овозможи интелигенција на чет ботовите.

Навистина, времето кога ќе можете брзо и течно да зборувате со вашиот уред и дури и да му доверите многу акции и активности веќе е пристигнато и само прашање на време е кога таквите паметни геџети ќе бидат достапни во продавниците.

Извор: TechCrunch, Variety, The Verge