hololens

Долгоочекуваната верзија на HoloLens наменета за дивелоперите веќе може да се порача по цена од 3.000 долари, а првите единици ќе пристигнат кај купувачите на 30-ти март. Цената е навистина висока, но има зошто – во HoloLens има некои навистина егзотични компоненти, што е нормално, бидејќи ова е првиот уред кој може буквално да стави холограм во просторот.

HoloLens е различен од повеќето уреди за виртуелна реалност по тоа што има целосен компјутер и оперативен систем во него (Oculus Rift на пример мора да се приклучи на компјутер или некој друг паметен уред), поточно специјална Windows 10 верзија наменета за „изменета реалност“. Процесорот е исто така специјален “Holographic Processing Unit” од Intel, изработен на 32-битна архитектура и помогнат од 2 GB рам и 64 GB простор за податоци. Секако, овие спецификации и не изгледаат претерано импресивно, но според тоа што можевме да го видиме досега, би требало да се доволни за квалитетно визуелно искуство.

Во уредот се вградени и четири камери кои цело време вршат мониторинг на околината. Ова е важно за уредот да може да запамети каде се наоѓаат холограмите дури и ако корисникот не гледа во тој простор. На пример, доколку имате поставено холограм на масата и го тргнете погледот од него, тој и понатаму ќе биде поставен на масата кога ќе го вратите погледот.

Четири микрофони пак се користат за примање на гласовни команди од корисникот, секако за Cortana, а HoloLens ќе има и Wi-Fi и Bluetooth антени за поврзување со други уреди, како на пример оној за виртуелно кликање на предметите пред корисникот.

Со HoloLens ќе може и да се снимаат видеата со виртуелна реалност, благодарение на камерата со 2 мегапиксели, која е доволна за HD резолуција на снимање. Ова е еден дел кој секако би сакале да биде подобар, односно да може да снима барем Full HD видео, но тоа веројатно ќе го добиеме во евентуалната сериска верзија наменета за широката јавност, која е планирана за во иднина.

Уредот кој ќе го добијат дивелоперите инаку нема да биде празен, туку ќе има неколку вградени апликации кои се подготвени за изменета реалност. Така, вградени се три игри – Fragments, Young Coker и RoboRaid, специјална апликација за креирање на 3D околини наречена HoloStudio, холограмска верзија на Skype и HoloTour апликација, со која корисникот ќе може да гледа веќе спремни панорами од 360 степени од некои познати светски места, како на пример Рим. Сите апликации и игри се одлично прикажани во видеата во овој текст.

Извор: The Verge, The Next Web, Windows Central

Претходна статијаНовиот Raspberry Pi 3 е 50% побрз, има вградени Wi-Fi и Bluetooth, но и натаму чини само $35
Следна статијаОд денеска започнува СтартАп маратонот на SEEUTechPark