Веќе неколку години и кај нас е супер популарно копањето на крипто-валутите, меѓу кои и најпознатите Биткоини, кои доживеаја неверојатна експанзија. Ова копање е прилично исплатливо, но бара вложување во многу графички картички, кои покрај тоа што чинат многу пари во старт, не се особено оптимизирани за константна работа под високи оптоварувања, што знае да доведува до чести дефекти.

Производителите на графички картички секако знаат дека голем дел од нивните купувачи не ги купуваат картичките за играње игри, туку ги купуваат токму за копање биткоини. Затоа, Asus ќе лансираат специјални верзии на RX 470 и GTX 1060, кои поточно ќе се викаат Mining RX 470 и Mining P106.

Што ги прави овие верзии различни од обичните? Перформансите кај Mining RX 470 ќе останат подеднакви, но P106 ќе добие покачување од околу 36%, што во глобала ја става графичката на Nvidia рамо до рамо со онаа на AMD.

Многу поважно, кај овие графички останатите компоненти ќе бидат поиздржливи. Така, кулерите ќе имаат лагери кои ќе имаат многу подолг век на траење и ќе можат да работат непрестано 24/7, што е од огромно значење за купувачите на овие компоненти, чии графички неретко знаат да се расипат од претерано користење. Затоа, веројатно ќе биде умно да се вложи во овие верзии, кои ќе можат да го поднесат поголемиот напор.

Засега нема цени за овие графички, всушност и информацијата е од CNBC и не е официјална. Сепак, многу е логично производителите на графика да се одлучат на вакви модели, бидејќи реално тоа е одлична бизнис можност за проширување на понудата на пазарот, па јас би рекол дека во наредните неколку месеци веќе ќе ги видиме првите модели.

Извор: Engadget, CNBC, PC World

Претходна статијаВидео серијал Samsung Galaxy S8+: Водоотпорност
Следна статијаSony ќе лансира смартфон без рамка околу дисплејот на IFA во Берлин?