arm-cortex-a35

Паметните часовници полека, но сигурно го заземаат своето место во светот на технологијата, но тие и натаму не се доволно усовршени за да играат во првата лига. Причината е секако траењето на батеријата, која со ретки исклучоци, не издржува ниту еден ден со едно полнење, а проблемот лежи во процесорите кои се преземени од оние од паметните телефони.

Бидејќи имаат многу мали батерии, паметните часовници немаат доволно енергија за, во овој случај, прилично гладниот за струја мобилен чип. На помош тука доаѓа новото Cortex-A35 јадро на ARM, кое е за 25% помало од Cortex-A53 и троши 32% помалку енергија, односно вкупно, заедно со напредокот во перформансите, придонесува за 25% зголемена ефикасност.

Не само што новиот чип на ARM ќе го зголеми траењето на батеријата кај паметните часовници, туку бидејќи се работи за 64-битен процесор, отвора можност за многу подлабока енкрипција, што значи дека идните вакви уреди ќе бидат многу побезбедни и ќе можат да прават работи кои не сме можеле да ги замислиме досега.

Иако првенствено ќе биде наменето за паметните часовници, новото Cortex-A35 јадро е скалабилно и може да се користи и во конфигурација со четири јадра. Ваквиот чип би можел да се вградува и во смартфоните од пониските класи, нудејќи солидни перформанси и многу ниска потрошувачка на енергија.

Првите процесори со Cortex-A35 треба да пристигнат во втората половина на наредната година, а се очекува поголемиот број од производителите да имаат барем еден таков во својот арсенал (да потсетиме, ARM го прави само дизајнот на чипот, не го произведува).

Извор: Engadget, AnandTech

Претходна статијаNVIDIA лансира мал „суперкомпјутер“, кој може да ги направи машините уште попаметни
Следна статијаRevols – Конечно слушалки вредни за парите