Денешните смартфони, таблети и лаптопи стануваат се потенки, што е супер, но стануваат и воедно многу тешки за поправка, бидејќи сите делови се наоѓаат на самата матична плоча. Ова особено важи за лаптопите, кои се уреди кои може да ги отвори и самиот корисник.

Surface Laptop дефинитивно не е таков лаптоп. Поточно, според iFixit, кои го отвораат скоро секој нов уред, овој лаптоп е скоро невозможно да се поправи со оценка 0 од можни 10.

Исто така, на него нема да можете да додадете рам меморија, бидејќи е залемена на плочата, па дури нема да можете ниту да го смените дискот за поголем – и тој е залемен на плочата. Покрај тоа, отворањето е исклучително тешко, бидејќи лаптопот е затворен со многу, многу лепак, што го прави затворањето уште потешко – во производството ова го прават прецизни машини.

Од iFixit велат дека процесот на отворање и затворање може и сериозно да го оштети вашиот лаптоп! На пример, отстранувањето на батеријата може да ја оштети, а со тоа и да ве повреди доколку истечат внатрешните течности, па дури и да се самозапали, како што беше случајот со Galaxy Note 7. Дефинитивно, со овој лаптоп не треба да се правите „мајстори“.

Surface Laptop и не е нов кога е во прашање леснотијата за поправка – тешки за поправање се и многу други супер тенки лаптопи, како на пример MacBook. Сепак, според iFixit, Surface Laptop е убедливо најтежок за поправање од сите и доколку би можеле, тие би му дале и оценка “-1”.

Како и да е, идејата со Surface Laptop секако не е сами да го отворате – тоа би можеле да го направат само во овластен сервис, кој ќе го има целиот потребен алат. Кај нас и нема таков сервис во моментов, што е причина за сите кои сакаат да го увезат (или порачаат од некоја компанија), да подразмислат дали сакаат да го направат тоа.

Извор: TechRadar, BGR, iFixit

Претходна статијаSamsung ќе го претстави Galaxy Note 8 на 26 август?
Следна статијаИницијатива: PayPal за продажни места во Македонија