Гејмерите веројатно никогаш нема да бидат задоволни од бројот на слики во секунда со кои може да „вози“ играта на нивниот компјутер, но во последно време и со големината, односно бројот на дисплеите. Razer, како еден од најпознатите производители на гејмерски компоненти и компјутери многу добро го знае тоа и затоа спрема лаптоп со три 17-инчни дисплеи, кој може да засрами и многу десктоп сетови.

Според Razer, овој лаптоп има најмногу дисплеј од кој и да било фабрички компјутер досега, не вклучувајќи ги тука сетовите кои ги прават самите корисници, купувајќи повеќе монитори. И дисплеите не само што имаат големина од 17 инчи, туку сите имаат Ultra HD 4K резолуција, што значи дека вкупната резолуција на екраните е 11520х2160 пиксели.

Оваа импресивна резолуција ќе придонесе за вистински окпружувачко искуство во игрите, кое ќе биде најблизу до реалноста. Исто така, толку многу резолуција и широчина на дисплеј, може да биде рај за оние кои лаптопот го користат за посериозна работа, како на пример видео преработка, 3D или пак програмирање.

Најдоброто во овој концептен компјутер е што дисплеите можат да се приберат во задниот дел, за тој да биде полесно пренослив. Секако, не очекувајте дека ќе биде тенок, но со оглед на тоа што го нуди, корисникот веројатно ќе може да прифати малку подебел лаптоп – околу 3,8 сантиметри. Концептот Project Valerie е инаку базиран на новиот Blade Pro модел, што значи дека има Kaby Lake процесор и GeForce GTX 1070 или 1080 графички карти (помоќната е вградена во концептот) и вграден Nvidia G-Sync во мониторите за помазно движење.

Ова се моќни компоненти, но секако недоволни за која и да било понова игра на резолуцијата која ја имаат сите дисплеи заедно. Затоа, Razer веројатно ќе продолжи да го развива овој компјутер се додека нема компоненти кои ќе овозможат мазен гејминг без сецкања на таа резолуција. Засега, корисниците ќе мораат да се задоволат со „нормалните“ лаптопи на производителот.

Извор: The Next Web, Venture Beat, The Verge

Претходна статијаСамсунг на CES 2017 ги претстави иновациите кои ќе го подобрат начинот на кој луѓето живеат, работат и се забавуваат
Следна статијаNokia 6 е луксузно изработен 5,5 инчен смартфон со цена од само 245 долари во Кина