Многумина од посетителите на овој сајт сигурно прво ги гледаат спецификациите кога купуваат нов монитор за својот десктоп компјутер. За нив, новите монитори на AOC кои се направени во соработка со Studio F.A. Porsche и не се особено интересни, бидејќи не нудат особено високи перформанси. Сепак, не може да се порекне дека имаат дизајн на кој може да позавиди и еден Apple монитор.

Најимпресивниот дел кај овој монитор е што на него воопшто не се гледа кабел, бидејќи тој е скриен во држачот за мониторот. Да, кабел излегува одзади, но тоа ќе биде позади масата, а кабелот е и двоен – во него има HDMI приклучок и приклучок за струја.

Заедно со недостатокот на рамка околу дисплејот во предниот дел, овој монитор на AOC и Studio F.A. Porsche со сигурност е најимпресивното парче кое можете да го ставите на вашата маса.

Ова за жал ќе трае се додека не го вклучите. Мониторот доаѓа во две изведби, со големина од 24 и 27 инчи и само Full HD резолуција, која растегната на толку голем монитор и нема да изгледа најдобро, особено споредено со конкуренцијата од последниве неколку години. За среќа пак цените на двата монитори се исклучително ниски – помалиот чини 199 долари, додека поголемиот чини 249 долари.

Реално, за истите пари конкуренцијата не нуди многу подобри спецификации, што мониторот на AOC со Studio F.A. Porsche дизајн го прави одличен избор, особено поради навистина привлечниот дизајн.

Извор: The Verge, Mashable, Windows Central

Претходна статијаRED го претстави првиот „холограмски“ смартфон наречен Hydrogen One
Следна статијаMoto го покажа Z2 и новите Moto Mods додатоци