Компанијата ORWL има за цел да го направи најбезбедниот компјутер на пазарот. Тие досега веќе лансираа еден модел, кој за да го вклучите, мораше да имате физички клуч. Без него, по неколку обиди за вклучување компјутерот целосно се исклучува и ги брише сите податоци, што го прави овој компјутер еден од најбезбедните, ако не и најбезбеден на пазарот.

Новиот модел за кој ќе пишуваме денес се отклучува со посебен безжичен клуч со вградено NFC, кој треба само да го доближите до компјутерот за да го отклучите. Доколку со истиот клуч се оддалечите повеќе од 10 метри од компјутерот, тој веднаш се гаси и не може повторно да се приклучи доколку не го доближите овој безжичен клуч, нешто слично како кај модерните автомобили.

Доколку пак некој се обиде физички да влезе во компјутерот (на пример да проба да го отвори за да го извади дискот однатре), тој може целосно да го избрише клучот за енкриптирање на дискот и со тоа датотеките на него нема да можат никогаш да бидат достапни за хакерите.

Покрај ова, ORWL има и неколку други механизми за заштита, како безбедно бутирање, безбедни надградби и нормално дополнителна заштита со лозинка.

Она каде не импресионира овој компјутер се перформансите – поради малите димензии тој е опремен со Core m7 процесор, 8 GB рам и SSD со капацитет до 480 GB. ORWL доаѓа со вграден Windows 10, но ќе има верзии и со Linux дистрибуции. Неговата цена изнесува 1.699 долари, што е прилично многу, но за оние кои сакаат максимална заштита на своите податоци, се чини дека ова и не е премногу.

Извор: Tech Radar, BGR, PC Gamer

Претходна статијаMoto го покажа Z2 и новите Moto Mods додатоци
Следна статијаLG: 18:9 екраните ќе бидат новиот стандард кај смартфоните