Мини компјутерите стануваат се попопуларни, поради можноста за лесно поврзување преку HDMI со голем монитор, односно телевизор, но вистинскиот замав се очекува да го доживеат со Windows 10.
Еден од најголемите светски производители на лаптопи и компјутери, Lenovo, претстави минијатурен стик со Windows 8.1 (наскоро ќе биде надграден на Windows 10), кој исто така се поврзува со HDMI и кој има исклучително ниска цена од само 129 долари. Можностите на овој стик се како на секој компјутер со Windows 10, но секако со послаби перформанси.
Сепак, за користење на телевизор, особено за апликациите како Netflix и YouTube, Lenovo IdeaCentre Stick 300 ќе има и повеќе од доволни перформанси. Исто така, благодарение на оперативниот систем на кој работи, на него ќе може да се користат дури и старите Windows програми, односно Office програмите, што е погодно за презентација на поголеми дисплеи.
Во внатрешноста на стикот се наоѓа Intel Atom Z3735F процесор, помогнат од 2 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци. Стикот ќе има Wi-Fi и Bluetooth 4.0 поврзување, што значи дека ќе може да се поврзе со вашиот домашен интернет, како и со безжични маус и тастатура.
Lenovo IdeaCentre Stick 300 ќе почне да се продава оваа есен по цена од 129 долари, но се уште немаме информации дали ќе пристигне и кај нас, иако би бил многу интересен за купувачите на нови телевизори.
Извор: Techno Buffalo