Дисплеите кои може да се виткаат се дефинитивно иднината, но многу е дискутабилно во кои категории. На пример, лаптопите се веќе уреди кои можат да се преклопат на половина и нема реална причина да имаат дисплеј кој може да се витка. Сепак, тоа не ги спречи Lenovo да направат еден таков концепт.

Нормално, концептот е под брендот ThinkPad, кој и натаму е најпопуларниот избор меѓу бизнис корисниците. Идејата зад овој концепт е едноставна – корисникот да има лаптоп со поголем дисплеј, во помало пакување, бидејќи при преклопувањето, дел од дисплејот ќе остане долу со тастатурата. Кул, нели?

Да, можеби е кул, но реално откако ќе го отворите лаптопот, голем дел од дисплејот ќе биде искривен под чуден агол и неговата корисност ќе биде ограничена. Сепак, можеби и мојот ум е ограничен и не може да види некој бенефит од ова. Можеби и со некоја софтверска надградба во иднина и ќе се случи тоа. Или можеби и никогаш нема да дознаеме.

Од Lenovo велат дека концептот е изработен со дисплеј со нови технологии и напредни материјали, што е нормално, но не прецизираат кои се тие технологии, што веројатно значи дека немаат големи планови за овој концепт, односно дека тој скоро сигурно нема да пристигне на пазарот.

Од друга страна, работењето на Lenovo во технологијата на свитливи дисплеи ги става во само неколку производители на хардвер кои се одлучуваат да влезат во развој на таква технологија и следствено на тоа, во производител кој би бил меѓу првите со таков уред.

Извор: TechRadar, The Verge, Digital Trends

Претходна статијаFacebook тестира заштита на профилната слика од копирање
Следна статијаApple брифинг за „спречување на протечени информации“ протече во јавноста