Како одговор на Threadripper чиповите на AMD, кои доаѓаат во верзии со 8, 12 и 16 јадра, Intel го лансира својот најмоќен Core i9-7980XE чип, кој има масивни 18 јадра и можност за 36 виртуелни јадра. Според сите бројки кои ни ги претстави Intel ова дефинитивно ќе биде еден од најмоќните процесори достапни на пазарот, но неговата цена за жал е премногу висока (односно за среќа на фановите на AMD).

Intel Core i9-7980XE е вистински ѕвер од процесор кој со сигурност нема да закочи ни кога го користите за најтешките програми, апликации и игри. Сите 18 јадра на овој чип работат на работна фреквенција од 2,6 GHz, но кога е потребно, со Turbo Boost 2.0 технологијата, можат на моменти да работат до 4,2 GHz, односно до фантастични 4,4 GHz со Turbo Boost 3.0. Ова се импресивни бројки кои го ставаат благо пред Threadripper процесорите на AMD, кои имаат малку посилна почетна фреквенција, но послаба турбо фреквенција.

Голема предност на процесорот на Intel во однос на неговиот AMD конкурент е и што има помала потрошувачка од 15 вати, што и не треба да се занемари, особено што процесорот на Intel има две јадра повеќе. Сепак, главен недостаток на Intel Core i9-7980XE е цената, која изнесува 2.000 долари – двојно повеќе од конкурентот со 16 јадра од AMD (Ryzen Threadripper 1950X). Ова и не е нешто ново – процесорите на Intel секогаш биле поскапи, но во овој случај AMD Threadripper дефинитивно се чини како подобар избор.

Покрај верзијата со 18 јадра, Intel лансира и верзии на истиот процесор со 16, 14 и 12 јадра, кои имаат двојно повеќе виртуелни јадра. Сите чипови во понудата на Intel ќе бидат поскапи од најскапиот AMD Threadripper 1950X – како споредба, 16 јадрениот Core i9-7960X ќе чини 1.699 долари, 14 јадрениот Core i9-7940X ќе чини 1.399 долари, додека 12 јадрениот Core i9-7920X чини 1.199 долари.

Извор: Engadget, TechRadar, PCWorld

Претходна статијаZTE Blade Z Max е 6 инчен смартфон кој чини само 129 долари
Следна статијаIonic Materials претстави алкални батерии кои можат да се полнат и кои се поевтини од li-ion