Десктоп компјутерите полека, но сигурно стануваат уреди кои се насочени кон помал, специјален број на купувачи и новата Z Workstation серија на HP не се ни обидува да го промени тоа. Овие машини се супер моќни и имаат неверојатно големи можности за надградување со помоќни компоненти, но се премногу скапи за обичниот купувач и доколку помисливте дека би можеле да ги користите за гејминг, веднаш ќе ве прекинам, бидејќи се позиционирани само како работни машини.

HP нуди три верзии на овие компјутери, зависно од тоа колку можности имаат и колку може да се надградат. Најслабиот Z4 Workstation на пример чини 1.239 долари и има можност за максимум 256 GB рам и еден Intel Xeon чип од најновата генерација со 10 јадра, што значи дека ќе биде одлично решение за оние кои сакаат работна машина, а се со помал буџет.

Z6 Workstation (1.919 долари) пак овозможува максимум 384 GB рам и на него може да се вградат два Intel Xeon чипови, што го прави подобро решение за компаниите (на пример за видео преработка), на кои им треба моќен компјутер.

Ѕвездата во понудата е сепак Z8 Workstation, кој има супериорни можности и перформанси. Така, на него може да се вградат 3 TB рам меморија, поделени на 24 слотови, два Intel Xeon чипови со по 28 јадра по чип, два M.2 SSD дискови и две Nvidia Quadro Pro графички картички. Z8 Workstation дури има и 10 USB-C 3.1 порти, што е импресивна бројка, но уште поимпресивна е почетната цена од 2.439 долари без вградени компоненти, која може да се покачи на 35.000 долари ако одите до максимум. Дефинитивно компјутер само за оние кои работат со супер тешки 3D анимации, како на пример на некој холивудски филм.

Извор: Engadget, Tom’s Hardware, TechRadar

Претходна статијаGoogle Dashboard со подобрен дизајн на мобилните
Следна статијаДетекција на болка со помош на AI