fujitsu-stylistic

Сега и официјално може да се потврди – започна ерата на таблетите што можат да го заменат вашиот лаптоп. Дел од иднината сака да има и Fujitsu, со моделот Stylistic R726, кој има 12,5 инчен екран, моќни компоненти и можност за прикачување на екстерна тастатура.

Таблетот на Fujitsu е целосно изработен од магнезиум и алуминиум, што значи дека е рамо до рамо со најдобрите кога е во прашање квалитетот на изработката, а неодоливо потсетува на Surface серијата на Microsoft – има ист држач во задниот дел кој го држи исправен кога е прикачен на тастатурата.

Уште поимпресивни се внатрешните компоненти – понудата е сочинета со Skylake процесори, максимум до Core i7 и понуда на SSD дискови со капацитет до 512 GB. Се’ уште нема информација за тоа колку рам меморија ќе биде понудена, но би требало да изнесува од 8 до 16 GB зависно од конфигурацијата.

Нешто помалку импресивен е 12,5 инчниот дисплеј, кој има резолуција од 1920х1080 пиксели, што е доста помалку од тоа што моментално го нудат конкурентите, како Surface Pro 4. Сепак, моделот на Fujitsu има други адути, како многу повеќе можности за поврзување – USB 3.0, HDMI, VGA, mini DisplayPort, слот за SIM картичка и RJ-45 Ethernet – достапен е дури и модел со 4G LTE конекција.

Таблетот има и 12 часа траење на батеријата со едно полнење, што е во најмала рака импресивно, особено ако се знае дека таблетот има дебелина од само 9.5 милиметри.

Исто така, Stylistic R726 има и Intel Pro Wireless Display можност за безжично поврзување со надворешни дисплеи, Office Remote Management технологија и енкриптирани дискови, што може особено да им се допадне на бизнис корисниците.

Извор: TechRadar, Fujitsu

Претходна статијаРазвиен нов сензор кој ќе им даде чувство на допир на роботите
Следна статијаНесреќни сте и имате проблеми со концентрација? Баталете го Facebook