Настрана од MacBook лаптопите на Apple, последниве неколку години има цела плејада на Windows лаптопи, кои имаат дизајн кој корисниците сакаат да го покажат во јавноста. Всушност, најуспешниот Windows 10 ултрабук е Dell XP 13, кој многумина ќе се сложат дека е најубавиот лаптоп во светот, а тоа особено благодарение на малата рамка околу дисплејот.

Како и да е, актуелниот модел има неколку слабости, а тоа пред сѐ се однесува на камерата, која е сместена во долниот лев агол и која ги прави видео повиците прилично неприродни, бидејќи изгледа како соговорникот да ве гледа од долу. Во најава за новиот модел, кој треба да биде претставен на CES во 2018 година, Dell им овозможи на TechRadar да погледнат кои се промените во новиот модел.

Според она што ни го покажа Dell, камерата ќе биде сместена централно, но и натаму под дисплејот, што секако не е идеално решение, но реално и нема место за неа во горниот дел, каде рамката е многу тенка.

Кога сме веќе кај дебелината, целиот лаптоп ќе биде многу потенок и поради тоа на него веќе нема да има целосни USB 3.0 порти, туку само три USB Type-C, што може и да не им се допадне на многу купувачи. Исто така, слотот за мемориска картичка сега прифаќа само micro SD, а не и целосна SD картичка.

Новиот XPS 13 ќе биде достапен и во две нови бои: Alpine White и Rose Gold, а материјалот над тастатурата ќе биде од стакло-пластика, материјал кој според Dell ќе оддава чувство на цврстина и мекост во исто време.

Се на сѐ, ова се очекувани промени за еден лаптоп од 2018 година, а тоа особено важи за изборот на USB Type-C порти. Дали ќе бидат доволни за XPS 13 и натаму да биде најпопуларен Windows лаптоп останува да видиме откако и конкуренцијата ќе ги покаже своите адути на CES 2018.

Извор: TechRadar, Neowin, The Verge

Претходна статијаApple не го забавува вашиот стар iPhone со новите надградби
Следна статијаMotion е нов смартфон на BlackBerry без хардверска тастатура