Apple минатата недела претстави нова генерација од нивниот MacBook Pro со Touch Bar кој доаѓа во две големини, односно со 13 и 15 инчен екран.

Главната новина којашто од Apple ја истакнуваат, а може да се прочита и од повеќе страни кои ги следат активно производите од компанијата, е значителното подобрување на перформансите на овие уреди наменети за професионалците.

Како што кажува и самата наставка на името на MacBook, односно Pro, укажува дека овие уреди не се наменети за обичниот корисник на којшто реално и не му требаат толку големи ресурси. Овие уреди се популарни веќе одамна кај корисниците кои работат со анимација, видео едитинг и слични активности кои реално бараат прилично силна машина.

Соодветно на тоа се и цените на MacBook Pro уреди, но годините покажале дека тие се оправдани и тие што зависат од сериозна и стабилна машина, знаат зошто ги даваат тие пари за Apple производ.

Од Apple истакнуваат дека новите MacBook Pro имаат дури 70% подобри перформанси кај 15 инчниот модел, кои кај 13-ката одат и до дупло подобрување. Тоа се постигнува со најновата, односно осма генерација на Intel чиповите со избор од шест јадрени i7 и i9 кај 15 инчниот модел и четири јадрените i5 и i7 кај 13 инчниот модел. Процесорите можат да работат на до 4,8, односно 4,9 GHz со Turbo Boost.

MacBook Pro оваа година нуди избор на до 32 GB RAM меморија, како и до 4 TB SSD диск за податоци.

Екранот, како и помалиот Touch Bar доаѓаат со True Tone технологијата достапна во најновите iPhone-и и iPad модели, а овозможува прилагодување на јачината и боите соодветно на моменталните услови на околината.

Оставете коментар