Apple денеска одржа специјален настан наменет за образовните институции во училиште во Чикаго. Таму, покрај новите додатоци на нивните софтверски решенија наменети за образовни цели, тие ја претставија новата генерација од 9,7 инчниот iPad.

Новиот iPad во главно ги задржува карактеристиките од минатогодишниот, па така екранот доаѓа со истата резолуција од 2048 на 1536 пиксели, што овозможува густина од 264 пиксели на инч.

Работи на Apple A10 Fusion чипсетот којшто не е најновото коешто го има компанијата, меѓутоа сепак е подобрување од ланскиот iPad. Од Apple истакнуваат дека овогодишниот iPad има за 40% подобар процесор, како и за 50% побрзи перформанси на графиката.

Задната камера на уредот доаѓа со 8 мегапиксели, а предната со 1,2 мегапиксели. Од Apple исто како за ланскиот модел, најавуваат 8 часови работа со таблетот со едно полнење на батеријата.

Она што е ново кај новиот модел е поддршката за Apple Pencil. Овој додаток досега беше наменет само за таблетите од компанијата со Pro додавка, а сега стануваат достапни за сите корисници. Ова е логичен чекор со оглед на тоа што уредот посебно ќе таргетира корисници од училиштата и универзитетите.

За таа цел, цената на уредот ќе биде пониска за училиштата и ќе изнесува 299 долари. Пенкалцето ќе се доплаќа и ќе чини 89 долари, 10 долари поевтино од за останатите.

Корисниците од образованието исто така ќе добијат дури 200 GB бесплатен простор на iCloud, додека за „обичните“ корисници тој останува на 5 GB.

Цените на новиот iPad ќе се разликуваат како и обично зависно од просторот и достапноста на мобилна мрежа, па ќе бидат следните:

  • 32 GB Wi-Fi – 329 долари
  • 32 GB Wi-Fi + Cellular – 459 долари
  • 128 GB – доплата од 100 долари за било кој модел

Во продолжение видео од новиот iPad од The Verge кои имаа шанса да го пробаат директно на настанот.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Apple
Претходна статијаHuawei ги претстави P20 и P20 Pro – Исечок на горната страна, три камери и одличен дизајн
Следна статијаPlayboy ги избриша своите страни од Facebook
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.