Последниве неколку години, Microsoft е особено агресивен во лаптоп и таблет/лаптоп секторите и како последица на тоа, уредите со Windows 10 почнаа да јадат од колачот на MacBook на пазарот, особено во САД. Затоа, Apple ќе одговори со почесто освежување на своите модели – наредниот месец скоро цела MacBook линија добива нови, помоќни и поштедливи процесори.

Се работи за Kaby Lake единиците на Intel, кои во Windows 10 компјутерите се вградуваат веќе подолго време, а сега конечно ќе го најдат патот и до MacBook. Според информациите кои ги имаме сега, ќе бидат надградени сите модели во гамата, вклучувајќи ги MacBook Pro, MacBook и дури и MacBook Air. Интересно, овој последниот има веќе четири години стар процесор, но и натаму се продава прилично добро поради ниската цена.

Новите процесори не би требало да донесат преголеми промени кај MacBook Pro и MacBook – очекувајте само мало зголемување на перформансите и траењето на батеријата. Сепак, MacBook Air би можел вистински да профитира од новиот процесор, иако според мене за вистински удар на Windows 10 конкуренцијата ќе му треба дисплеј со поголема резолуција од 1440х900 пиксели, на која реално не и е местото во 2017 година.

Освежените модели исто така нема да имаат нов дизајн – промени ќе има само одвнатре. Поточно, покрај новите процесори ќе биде претставена и нова верзија на Mac OS оперативниот систем.

Извор: The Next Web, Bloomberg, Mashable

Претходна статијаТелевизорите Samsung QLED се првите ‘CalMAN ready’ телевизори во светот кои овозможуваат автокалибрација за HDR квалитет на слика
Следна статијаIBM го претстави најбрзиот квантен процесор досега