Последниве 7-8 години, односно од лансирањето на првите “Core i” серии на процесори на Intel за преносните компјутери, AMD немаше одговор со свој процесор. Едноставно, чиповите на Intel беа побрзи и трошеа помалку од драгоцениот капацитет на батеријата. Се досега – AMD ги лансира новите Ryzen процесори за ултра тенките лаптопи.

Засега, AMD претстави само два процесори, но и двата делуваат како да се одлично погодени за супер тенките лаптопи од високата класа.

Ryzen 5 2500U и Ryzen 7 2700 U имаат четири јадра, со две виртуелни јадра по физичко јадро. Послабиот процесор работи на 2.0 GHz, но има турбо клок од 3,6 GHz, додека помоќниот чип работи на 0,2 GHz повеќе од брзината на послабиот модел.

Главната предност на овие процесори во однос на Core i5 и Core i7 на Intel ќе биде вградената графика, која е од најновата AMD RX Vega генерација, со 8 јадра на 1,1 GHz кај послабиот, односно 1,3 GHz кај помоќниот модел.

Според AMD, новите Ryzen процесори ќе имаат дури 200% повисока брзина во однос на нивните претходници Bristol Ridge, како и 58% подобрена ефикасност.

Сепак, ова и не беше особено тешко, бидејќи процесорите на AMD заостануваа прилично многу зад оние на Intel. AMD за среќа ни достави и бенчмаркови кои ги споредуваат овие процесори со оние на Intel и според нив, Ryzen чиповите се или еднакви (во случаи кога работи само едно јадро) или побрзи (со повеќе јадра) во однос на оние на Intel, но вистинската разлика е во перформансите на графичкиот чип, кој буквално го „брише подот“ со вградениот на Intel. Да, ова ќе бидат процесори за ултра тенки лаптопи на кои ќе може и да поиграте некоја понова игра.

Како и сите Ryzen процесори и Ryzen 5 2500U и Ryzen 7 2700 U се опремени со Mobile Extended Frequency Range (mXFR) технологија, која овозможува подесување на работниот такт на чекори од само 25 MHz, зависно од температурата и отповареноста на процесорот, што ја зголемува ефикасноста и перформансите. На пример, наместо при прегревање чипот да ја намали својата брзина за 0,1 GHz, ќе ја намали за само 0,025 или 0,05 GHz.

Извор: Hot Hardware, AnandTech, Engadget

Претходна статијаGalaxy S9 и S9+ ќе имаат подобро сместен читач за отпечатоци и двојна камера
Следна статијаПрва фотографија од OnePlus 5T – 18:9 дисплеј со заоблени агли и помала рамка