Минативе две години AMD излезе во пресрет на многу гејмери со поплиток џеб со своите RX графички картички. Сепак, оние кои сакаа максимум перформанси, секогаш се одлучуваа за Nvidia GTX 1080 или 1070, модели кои беа многу подобри од се што имаше да понуди AMD.

Ова ќе се промени со RX Vega графичките на AMD, кои според најавите би можеле да ги симнат моделите на Nvidia од тронот кога се во прашање гејмерските перформанси.

Имено, AMD најавува дека двата модели од високата класа, наречени Radeon RX Vega 56 и Radeon RX Vega 64 (бројките покажуваат колку процесорски единици имаат графичките), можат да извадат минимум 53 слики во секунда при играње на супер широк 1440p монитор, што е за 8 слики во секунда повеќе од минималните 45 на главниот конкурент Nvidia GTX 1080.

AMD се уште не ни ги покажа останатите параметри, како на пример просечен „фрејмрејт“, но според тоа што го напишав погоре, може да се смета на исклучително високи перформанси.

Голема предност на двете графички на AMD ќе биде и цената, која ќе изнесува 399 долари за послабиот, односно 499 долари за помоќниот модел. Реално, ова не е многу за моќни графички картички од високата класа и е целосно конкурентно со моделите на Nvidia.

Интересно, AMD во понудата ќе има и водено ладена RX Vega 64, која ќе отвори поголем простор за “overclock” и која ќе доаѓа во пакет со две игри: Prey и Wolfenstein 2. Нејзината цена ќе изнесува 699 долари.

Покрај долго очекуваните Vega графички картички, AMD најави и дека нивниот супер моќен Threadripper процесор со 16 јадра ќе биде достапен на 10 август по цена од 999 долари, заедно со модел со 12 јадра кој ќе чини 799 долари и модел со 8 јадра кој ќе чини 549 долари. Овој процесор ќе биде директен конкурент на Core i9 единиците на Intel и ќе биде наменет за корисниците кои бараат највисоки перформанси од својот компјутер.

Извор: Engadget, Polygon, The Verge

Претходна статија“Firmware” за Apple HomePod го најавува дизајнот на iPhone 8
Следна статијаLG V30 ќе биде лансиран на 28 септември