На презентацијата која се одржа вчера во Хаваи и која можеше да се следи во живо преку интернет, AMD ја најави веќе извесно време очекуваната “Volcanic Islands” серија на графички карти. Освен новите графички, тема на презентацијата беа и неколку нови технологии.

Прв на сцената се појави John Taylor, потпретседателот на AMD, а веднаш потоа следеше Matt Skynner кој ја презентираше новата линија на графички карти. Како што беше познато, “Volcanic Islands” картите доаѓаат со нова номенклатура, R7 и R9 200.

Најевтините карти во серијата се R7 250 со 1GB GDDR5 меморија по цена од 89$ и R7 260X со 2GB GDDR5 меморија и цена од 139$. Следат R9 270X со 2GB GDDR5 меморија по цена 199$ и R9 280X со 3GB GDDR5 меморија и цена од 299$. Најмоќната карта во серијата е со ознака R9 290X и доаѓа со 4GB GDDR5 меморија, а ќе биде достапна за предвремена нарачка во комплет со четвртото продолжение во Battlefield серијалот од 3-ти Октомври. Цената за R9 290X не беше објавена, меѓутоа се шпекулира со бројката од 599$. Од AMD тврдат дека сите карти од новата серија ќе нудат највисоки перформанси во својот ценовен ранг.

AMDR1

Нареден на сцената се појави Raja Koduri кој подетално зборуваше за хардверскиот аспект на новите карти и технологиите кои се имплементирани во нив. Имено, ова е првата серија на графички карти која вклучува целосна поддршка за DirectX 11.2, а доаѓа и со подобрена поддршка за монитори со 4К резолуција. Во картите е имплементирана и нова аудио технологија, “AMD TrueAudio” целосно програмабилен аудио енџин.

AMDR2

Новата аудио технологија ја презентираше Jerry Mahabub, основачот на GenAudio. Технологијата е креирана со цел да долови пореалистично и побогато аудио искуство во игрите. Функционира преку конверзија на 24 канално аудио во 7.1, односно 7.1 во стерео. Според Jerry Mahabub, оваа технологија ќе биде многу едноставна за имплементација во игрите од страна на креаторите на истите.

Следеше презентација на неколку нови игри што ќе ги користат новите технологии на AMD, меѓу кои новото продолжение на Thief серијалот, Lichdom, Star Citizen, Saints Row IV, Sonic All Stars Racing, Murdered: Soul Suspect и Battlefield 4, а беше претставена и новата верзија на заштитниот карактер на Radeon картите, популарната Ruby.

Dennis Fong го претстави својот софтвер Raptr, кој меѓу другото ќе ги следи перформансите и автоматски ќе ги оптимизира игрите зависно од вашата конфигурација.

AMDR3

Презентацијата заврши со претставување на “Mantle”, нов мулти-платформски програмерски интерфејс за PC, што овозможува полесен пренос на игрите од конзола на компјутер и преку кој креаторите на видео игри ќе може да извлечат максимум перформанси од графичките карти. Повеќе информации и технички детали за Mantle ќе бидат објавени на AMD дивелопер самитот во Ноември.

 

Претходна статијаRoku е мал, но моќен уред за гледање интернет содржина на вашиот телевизор
Следна статијаNexus 7 2013