Помина скоро една година од првичната најава на американската телекомуникациска компанија Verizon дека го купува еден од најпознатите брендови во интернет бизнисот, Yahoo!.

Договорот беше направен на сума од 4,83 милијарди долари, а во него влегуваа интернет бизнисите на Yahoo!, веб страните, онлајн сервисите, бизнисот со реклами и слично, но не и уделот на компанијата во кинескиот Alibaba.

Оваа недела договорот помеѓу компаниите е официјализиран, односно извршен со што Yahoo! и официјално станува дел од Verizon.

Поточно, Yahoo! ќе биде дел од посебно формираната подружница на Verizon со име Oath, а дел од истата се и имиња како AOL кои беа купени во 2015 и Huffington Post, меѓу другите.

Од оваа недела Oath ги содржи следните брендови под својата капа: HuffPost, Yahoo Sports, AOL.com, MAKERS, Tumblr, BUILD Studios, Yahoo Finance, Yahoo Mail и повеќе.

Сумата која што на крај беше договорена за купување на Yahoo! е за 350 милиони пониска од првичната, а тоа се должи на проблемите со коишто се соочуваше компанијата изминатата година, нешто што го доведе во прашање и целиот договор.

Се работи за честите информации за пробивање на сервисите на Yahoo!, често и од страна на владини служби. Сепак Verizon не се откажа од компанијата која ќе ги внесе во целосно нов пазар.

Со станувањето дел од Veriozon, односно Oath, од компанијата си замина познатата директорка Мариса Маер. Таа за напуштање на позицијата доби отпремнина во износ од 23 милиони долари.

Нејзиниот ангажман беше проследен со поделени мислења за успешноста во работењето. Таа иако успеа да ја одржи компанијата да продолжи да работи, наместо да пропадне, не успеа да ја врати на врвот каде што сега конкуренцијата е многу голема и реално е тешка, ако не и невозможна задача.

Затоа интересно ќе биде да видиме што ќе се случува со овој познат бренд, односно неговите сервиси под новото раководство.

Извор: Verizon, The Verge, TNW

Претходна статијаAlienware Area 51 е футуристички десктоп со процесор со максимум 16 јадра
Следна статијаFirefox 54 ветува значително зголемување на брзината на прелистувачот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.