После неколку неофицијални информации кои што ја најавуваа зделката, истата денеска е потврдена од страна на двете компании. Microsoft ја продолжува низата на купување на компании и сега ја додава 6Wunderkinder, германската компанија која што стои зад развојот на познатата апликација Wunderlist.

Wunderlist е апликација за креирање на задачи, односно таканаречени да-направам (to-do) листи. Иако не е единствена на пазарот, се истакнува со едноставноста, анимациите, звуците, па може да се каже дека е една од најдобрите вакви апликации. Wunderlist е достапна на корисниците веќе 5 години преку своите верзии за Windows, Mac и веб, како и Android, iOS и Windows Phone.

Повеќе детали околу вредноста на зделката во овој момент не се објавени, па остануваме само со претходно пуштените неофицијални информации. Според нив зделката треба да е со вредност од околу 100 до 200 милиони долари.

Cheshire_cross-platorm_image@2x-640x340

Купувањето на ваква компанија воопшто не е чудно за Microsoft кои што во изминатиот период направија уште две слични зделки. Тие ја купија компанијата која што ја развиваше популарната email апликација Acompli, а подоцна и популарната календар апликација Sunrise.

Доколку се земе во предвид искуството со овие две компании, не може да се предвиди која ќе биде судбината на Wunderlist. Acompli прерасна во Outlook, додека Sunrise продолжи да функционира како посебна апликација.

Двете компании истакнаа дека во периодот што следи сепак нема да има промени во начинот на развој на Wunderlist и може да се очекува се да остане исто. Тимот ќе остане да функционира од Берлин, а се најавуваат и нови функции во периодот што следи.

Со купувањето на овие три компании, од Microsoft покажуваат дека се сериозни во нивната желба да бидат присутни на сите можни платформи, како и во понудата на апликации за работа. Исто така, со сопственоста на познати апликации од нивна страна, можат да се осигураат дека истите ќе бидат присутни и на Windows платформата.

Извор: Microsoft, 6Wunderkinder

Претходна статијаAsus претстави четири нови ZenPad таблет компјутери
Следна статијаВториот Ubuntu телефон од шпанскиот BQ ќе биде претставен веќе овој месец
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.