Гордиан, VapourApps, Кликон- инспиративни приказни на Founders Day во четврток!

Три успешни бизнис приказни од три претпријатија поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој. Претставници на овие македонски стартапи: Гордиан Системи, VapourApps  и Кликон во четврток на Founders Day во Контакт канцеларијата на Фондот ќе дадат одговори на вашите дилеми и прашања кои ги имате поврзано со стартувањето стартап компанија, обезбедувањето финансии и водењето бизнис во Македонија!

„Кери“- ефикасно ја олеснува работата на негователите!

Пред неколку години Гордиан Системи работеше аутсорсинг за компании од Калифонија од информатичката технологија, развивајќи производи за телекомуникации, за следење на стоки и друго. Но, за среќа, амбициите на основачот Тони Бачваровски беа многу поголеми.

“Поради богатото искуство со американски компании и со американскиот пазар, решивме да ја подигнеме компанијата на неколку нивоа повисоко и да лансираме наш, иновативен продукт кој е единствен на светскиот пазар. Тоа е проектот Кери, наменет е за негователи, без разлика дали се професионални негователи во институции или семејства на стари и лица со попреченост. “, објаснува Тони Бачваровски, основач на Гордиан Системи.

Како функционира Кери?
Системот се состои од сензори поставени во близина на лицето кое се негува како и уреди на самото лице, како на пример паметен часовник. Сите податоци од сензорите и паметните уреди се собираат и обработуваат на сервер, кој во реално време ги испраќа само корисните информации до негователот. Гордиан го развива само серверскиот дел и комуникацијата помеѓу сензорите и серверот, а користи постоечки сензори од светскиот пазар.

“Продуктот планираме да го пласираме на светскиот пазар со фокус на Европа и Северна Америка, каде проблемот со згрижување на старите лица е најголем, како последица на продложениот животен век и неможноста на семејството да ги згрижува старите лица“, вели Бачваровски.

Проектот кој е препознаен како многу перспективен обезбеди финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој во февруари 2016. Но тоа не е се. Пред неколку месеци, Гордиан победи на предакцелераторската програма на Сеавус пред жири составено од успешни македонски менаџери и Alan Schaaf основач на компанијата Imgur која вреди преку 4 милијарди долари.

“Во текот на 2016 учествуваме на повеќе обуки и натпревари за стартапи во Македонија, во организација на Македонија 2025 учествувавме на Лидер Проектот за обука на претприемачи, и на финалниот натпревар за пичинг натпревар освоивме прво место пред комисија од канадски предавачи и наши успешни претприемачи. Учествувавме и на Get in the ring натпреварот каде освоивме второ место. Бевме поканети и на самит на Open Geospatial Consortium во Даблин, Ирска, голема меѓународна организација која е заинтересирана за нашиот проект“, вели Бачваровски и додава:

Компанијата веќе почнуваме со преговори за инвестиција и се во контакт со повеќе инвеститори од САД и Европа, но наредниот период сакаме да се консолидираме  и да ги дефинираме насоките околу инвестициите. Не е важно само да се добијат пари. За нас е поважно да добиеме паметни пари, т.е. поголема инволвираност на инвеститорот во изнаоѓање на партнери и отворање на пазари“, дециден е Бачваровски.

VapourApps– македонска платформа која привлече инвестиции од Холандија !

VapourApps е софтрвер кој им го олеснува секојдневното работење на мали и средни претпријатија  кои имаат околу 20-30 вработени. Овој софтвер им овозможува на овие компании флексибилна контрола на нивната IT инфраструктура, односно олеснување на процесите на споделување на документи, електронска комуникација, правење backup на податоците и контрола над сите овие ИТ процеси внатре во компанијата.

„Ако не користат VapourApps, на нашите клиенти обично им се потребни денови или недели, за да ги инсталираат и интегрираат сите овие системи. Со нашиот систем сите овие процеси се олеснуваат и траат многу пократко“, вели основачот на компанијата Љупчо Вангелски.

Оваа компанија која е основана во 2014 година, со единствена цел – да го создаде VapourApps Private Cloud софтверскиот производ, денес може да се пофали не само со готов производ кој што успешно го користат повеќе компании, туку и со голем интерес на инвеститори од странство кои во  VapourApps  гледаат голема перспектива.

Кон крајот на 2014 компанијата учествуваше во акцелераторска програма во Superfounders и имаше прв јавен pitching настап на EBAN во Истанбул. Првата верзија од производот е направен во март 2015 и е инсталиран кај првите демо корисници. VapourApps победува на Pirate Summit Skopje во април 2015, а по два месеци добивање финансирање на проектот од Фондот за иновации. Кон крајот на годината VapourApps има 10-тина корисници, а една година подоцна 20- тина клиенти во земјава меѓу кои: АМЦ, Балкантел, Мултишпед, Продукција перспектива, Адра и други.
VapourApps е една од ретките компании која успеа да привлече и инвеститор. Во март минатата година потпиша договор со инвеститор од Холандија, кој и помага полесно да дојдат до холандски клиенти, преку канцеларии во Амстердам, Брисел, Дизелдорф.Веќе следниот месец по инвестицијата VapourApps го доби првиот поголем клиент од Холандија.

Главна продажна стратегија засега ни се партнерите. Работиме на следна верзија на софтверот со која што сакаме да се пробиеме во Холандија, па во Германија. Имаме и уште еден заинтересиран инвеститор за влез, но во моментов не бараме нова инвестиција. Сакаме прво да го прошириме портфолиото на клиенти, па да направиме проценка. Во моментов сме 7 вработени и бараме нов член во нашиот тим за продажба“, вели Вангелски.

Кликон- 500 корисници на македонската социјална мрежа за бизнис!

Како што Фејсбук ги поврзува луѓето од целиот свет, така Кликон (Clicon), софтверска платформа развиена од двајца млади програмери од Македонија има амбиција да ги поврзе бизнисите.

Кликон претставува иновативна бизнис мрежа градена врз принципите на социјалните мрежи со кои корисниците се веќе запознаени како што се Facebook, Twitter, LinkedIn. Клучните функции на оваа онлајн платформа се : поврзување на бизниси и едноставен финансиски менаџмент.

Што се добива со Кликон?
Малите компании кои ќе станат дел од Кликон заедницата добиваат можност лесно и едноставно да соработуваат со други компаниии преку креирање и испраќање на фактури и понуди во реално време, но и нивна промоција пред оваа бизнис заедница. Наспроти решенијата за онлајн фактурирање и финанскиски менаџмент кои веќе постојат на пазарот, главната идеја на Кликон е да им помага на корисниците во секојдневното водење на бизнисот, и постојано да стимулира раст на нивните бизниси преку нивно меѓусебно вмрежување.

Ристе Самарџиев, еден од основачите на Кликон вели дека заинтересираноста за платформата ги надминала очекувањата на нејзините креатори.

Само шест месеци сме на пазарот, а веќе броиме речиси 500 регистрирани кориснички профили од најразлични категории на бизнис: производство и дистрибуција, транспортни услуги, сметководствени и консалтинг услуги, продукциски куќи, градежништво и сл.“, вели Самарџиев.

Најголем приоритет на младиот тим кој стои зад Кликон е, и ќе остане глобализацијата на продуктот. Веќе се работи на додавање на повеќе јазици и валути во самата платформа. Покрај константното унапредување на платформата, се работим и на додавање платежен процесор за онлајн плаќања што ќе им овозможи на нашите корисници да ги плаќаат примените фактури електронски. Во наредниот период Кликон ќе добие и мобилна апликација.

Почнавме од Македонија, но дефинитивно нема да сопреме тука. Цврство веруваме дека Clicon го има потенцијалот да влезе во кругот на светски познатите социјални мрежи“, децидни се од Кликон.

Доколку сакате да дознаете повеќе:

  • Како се почнува и води бизнис во Македонија?
  • Како и каде да барате финансирање на Вашите идеи?
  • Како да ја реализирате Вашата бизнис идеја?

И како да подготвите проект за отворениот јавен повик за финансирање на  Фондот за иновации итехнолошки развој, дојдете на Founders Day на 09.02. (четврток) во 17.30 часот во Контакт канцеларијата на Фондот. Овој настан го организира Фондот и е составен дел од Startup Europe Week 2017!

Новинар: Верица Јорданова

Претходна статијаПротекоа спецификациите за AMD Ryzen процесорите
Следна статијаРасте бројот на нови работни места во соларната индустрија