The Boring Company е уште една од компаниите на Елон Маск со која тој сака да го „промени светот“. Главната цел на оваа негова компанија е да го реши сообраќајниот метеж градејќи подземни системи за јавен превоз. За таа цел очекувано ќе се користи и технологијата на Tesla, а The Boring Company разви систем за „бушење“ на подземните тунели.

Оваа компанија минатата недела официјално беше ангажирана од страна на Фондот за инфраструктура на Чикаго, во име на градот Чикаго, да изгради подземен систем за јавен превоз до главниот аеродром на градот, Chicago O’Hare Airport.

Проектот ќе биде целосно финансиран од страна на The Boring Company, што значи дека ќе биде во нивна сопственост, односно тие ќе го дизајнираат, изградат и ќе се грижат за целосната негова работа.

Подземниот систем ќе биде изграден од центарот на градот до аеродромот, а времето на патување ќе трае 12 минути, што е значително помалку од моменталните 40-45 минути со стандардната железница.

Иако се’ уште нема конкретни информации за тоа како точно би изгледал овој систем, сепак од компанијата ги имаат прикажано нивните концепти кои ќе се користат и во системот за Чикаго.

Патниците ќе влегуваат во специјално направени возила кои ќе собираат од 8 до 16 патници. Тие ќе бидат спуштени подземја на позицијата каде ќе започнат со возење. Возилата ќе бидат целосно електрични, а се направени на основа на Tesla Model X. Технологијата на која ова возило се движи од страна на компанијата е наречена електрична лизгалка.

Брзината која ќе ја достигнува возилото изнесува од 200 до 240 километри на час, а од компанијата ја истакнуваат и удобноста на возилата, покрај нивната голема брзина.

Елон Маск смета дека ова е иднината на дел од јавниот транспорт. Сместувајќи го подземја, системот за превоз нема да влијае на луѓето во околината, како што е на пример со бучавата на возилата. Исто така, фактот што возилата работат на батерија, нема да влијаат негативно на околината.

ИЗВОРThe Boring Company
ИЗВОР 2Gizmodo
Претходна статијаПејпал во Македонија – една година потоа и уште колку има
Следна статијаМакедонец е финансиски директор број 1 во Бугарија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.