57b52fdec36188e03d8b459e

Веќе сите знаеме за Интернетот, тоа чудо од поврзување на човековата цивилизација кое овозможи еден куп промени во начинот на живеење. Денес е суперлесно на Интернет да дознаеш како да спржиш јајца, да насадиш ореви или да решаваш втор извод. Впрочем, за можностите за едукација на Интернет ќе пишувам следната недела во посветена статија (или две).

Сето ова погоре беше овозможено поради основната архитектура на Интернетот која е базирана на електронски и оптички систем на комуникација (и така енергетски и ресурсно ептен ефикасен) заедно со прилагоденост кон скоро-бесконечно проширување преку додавање на нови сервери и поврзани компјутери и работни станици.

Интернетот има свои недостатоци, но земајќи предвид дека е архитектура смислена во 60-тите години на претходниот век и надградена во 80-тите, се работи за еден генијален проект. Што не треба воопшто да ни биде чудно имајќи предвид дека е оригинално проект на DARPA, државната агенција на САД за напредни одбранбени истражувачки проекти.

Вклученоста на DARPA во неговите почетоци секако дека им ја „кревала косата“ на државни и разузнавачки агенции на други држави, особено на СССР (Русија), Германија, Кина, Франција и останатите. Имено, САД сè уште држи најголем дел од „колачот“ на Интернет сервери и давачи на Интернет услуги во светот и со тоа, преку владина и федерална контрола, им овозможува најголема потенцијална контрола врз Интернет тековите. Не би се сомневал воопшто дека во случај на некоја голема закана или војна САД би се одлучиле во критичен момент да го ограничат или забранат пристапот до нивните делови од Интернетот за другите, нешто слично како што правеле и други држави досега.

Сепак, САД досега не направиле ништо слично и генерално не правеле цензура врз содржината на Интернет. Тоа, комбинирано со нивната моќ за директна контрола врз работата на ICANN (Интернет корпорација за назначени имиња и броеви, еден од најбитните органи на Интернетот) го овозможи супербрзиот и пробивен развој на Интернет насекаде во светот.

Меѓутоа, по протечените документи од Сноуден во кои се гледа како САД преку NSA следеле огромен тек од Интернетот во скоро-реално време, странските влади, граѓани и невладини организации започнаа повеќе да притискаат кон отстапување на хегемонијата на САД врз контролата на ICANN и Интернетот сам по себе, поради претпоставката дека имањето на најбитна улога во одлуките околу Интернетот им овозможува голема предност на САД во водењето на разузнавачки и кибер-воени активности.

Тоа конечно ќе се случи со тоа што во ноември 2016-та година САД ќе го прекинат надгледувањето и ќе го пренесат врз ICANN, која пак од 1997 година полека оди кон модел на управување со повеќе удели. Меѓутоа, уделите во ICANN нема да можат да бидат запоседнати од државни органи и агенции, туку само од приватниот сектор, како еден начин да се ограничи моќта на странските влади да воведуваат правила кои им одговараат ним, што често знае да биде цензура.

Нормално, тоа може да значи дека приватни гиганти (од кои некои цело време флертуваат со државите, како Microsoft, Google, Facebook, T-Mobile и сличните) ќе имаат поголемо влијание во работите на Интернетот и одлуките околу него.

Каква иднина нè чека и дали Интернетот ќе остане слободната територија која беше досега? Тоа е прашање кое не само што треба да си го поставиме туку и околу кое треба да се заангажираме. Не постои такво нешто како бесплатен ручек, ќе рече познатата поговорка.

Дополнителни информации: RT, The Epoch Times, ExtremeTech

Претходна статијаWeekend Media Festival ги претставува најновите технологии
Следна статијаNissan го лансира првиот мотор со променлива компресија