„Младост без лудост“ е мотото под кое ќе се реализира нова кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, која денес беше промовирана, а во наредниот период ќе се реализира во соработка со МВР, Агенција за млади и спорт, Град Скопје и другите партнери, а истата има цел да се намали бројот на загинати и на повредени млади лица во сообраќајни незгоди.

Слоганот на кампањата е „Младост без лудост! Младост е да си нескротлив, а лудост е да си невнимателен“. Со цел  полесно да се допре и да се доближи до младата популација, кампањата ќе се реализира на терен. Во нејзиниот фокус се младите луѓе на возраст од 18 до 40 години бидејќи тие влегуваат во категоријата ризични учесници во сообраќајот кои често се причина за предизвикувње сообраќајни незгоди и кои најчесто страдаат во сообраќајни незгоди.

Согласно сообраќајната статистика, во 2016 година, вкупно 165 лица го загубиле животот на патиштата во Македонија, од кои околу 40% се токму во оваа возрасна категорија. Вкупно 4000 млади луѓе, на возраст до 40 години, се тешко повредени во сообраќајни незгоди минатата година. Статистистичките податоци покажуваат дека на светско ниво, секоја година, 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, или дневно се губат околу 1.050  млади животи на патиштата ширум светот. Неофицијалните статистички податоци за 2017 година, покажуваат дека за првите три месеци, вкупно 12 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои неколку се млади лица.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, м-р Стојче Стаменковски, во најавата на кампањата потенцираше дека безбедноста на младите во сообраќајот одсекогаш била и ќе остане врвен приоритет на РСБСП.

„Младите лица се активни подржувачи на РСБСП и активностите кои РСБСП ги реализира. Во оваа прилика, апелирам до сите млади лица во Република Македонија, да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и не само тоа, ги повикувам сите во голем број и активно да се вклучат и да ја поддржат оваа кампања и заеднички да дадеме придонес кон подигање на јавната свест за поголема дисциплина, култура и етика во сообраќајот, сѐ за поголема безбедност на младите.

„Младост е да се поднапиеш, но лудост е да возиш пијан“. „Младост е да сакаш да зборуваш на мобилен телефон, лудост е тоа да го правиш додека возиш“. „Младост е да си жив и темпераментен, лудост е да си брз и агресивен во сообраќајот“!

„Младоста оправдува многу грешки, но сообраќајот и сообраќајните незгоди не простуваат никогаш, а последиците се трајни“- потенцира претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, м-р Стојче Стаменковски, повикувајќи ги младите да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот.

На настанот присуствуваше и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, М-р Сања Димитриевска, која истакна дека Министерството за внатрешни работи, со задоволство е партнер и  ја поддржува реализацијата на оваа кампања, особено бидејќи кампањата доаѓа во пресрет на прославата на матурските вечери.

„Возачката дозвола–правото за управување моторно возило, претставува доверена одговорност од семејството и од општеството. Секој кој ќе седне зад управувачот мора да знае дека во него сите препознаваат личност која е зрела, свесна и совесна, односно личност која е одговорна да се носи со предизвикот кој го наметнува учеството во сообраќајот. Да се биде млад и истовремено одговорен во сообраќајот, не е право на избор, туку обврска за сите. Младите, согласно статистиката на МВР, влегуваат во категоријата чести учесници во сообраќајни незгоди и токму поради тоа, мораме сите заеднички да работиме на подигнување на нивната безбедност во сообраќајот“-додаде Димитриевска.

Кампањата „Младост без лудост“ е една од најкреативните и најинтересните кампањи. Очекуваме да биде најмасовна кампања до сега и да го привлече вниманието на сите учесници во сообраќајот, а посебно очекуваме да биде прифатена и поддржана од младите, како ризична група учесници во сообраќајот – потенцираа и дел од јавните личности:  Гораст Цветковски, Дарко Глишиќ, Стефан и Мартин од Некст Тајм, Катарина Ивановска, и водителката Елена Стојановска, кои беа присутни на настанот и кои најавија дека со задоволство и активно ќе ја поддржат кампањата во текот на нејзината реализација.

„Со задоволство сме дел од оваа кампања на РСБСП и со задоволство ќе бидеме дел од едукативните активности и од јавните настани кои ќе ги организира РСБСП во рамки на кампањата. Еден човечки живот да спасиме, еден телесен инвалидитет да спречиме, една трагична семејна судбина да одбегнеме, навистина ќе постигнеме многу. Да се загуби или загрози човечки живот, како резултат на агресивно и неодговорно учество во сообраќајот, не само што е непромислено, туку не е хумано и не е во духот на цивилизациските вредности. Затоа, апелирам до младите, бидете одговорни учесници во сообраќајот и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи“- изјави Гораст Цветковски, актер и поддржувач на кампањата „Младост без лудост“.

Претходна статијаWindows Vista замина во историјата – заврши поддршката за оперативниот систем
Следна статијаНов, супер флексибилен OLED дисплеј со графен може да се користи и како материјал за облека