Скопје, (28.12.2017) Во Скопје Мериот Хотел од страна на 10-те финалисти на 365 challenge беа претставени придобивките од Office 365. Значењето на дигитализацијата беше потенцирано од страна на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, директорот на Мајкрософт Македонија, Љупчо Георгиев и водечкиот менаџер за развој на бизнисот во областа на образованието, Влора Адеми.

„Свесни за брзото темпо со кое се движат промените во ИКТ сферата, постојано работиме на подобрување и развивање на дигитализацијата во сите сфери од нашето живеење. Тоа не е лесно. Особено во еден инертен и обемен систем како што е администрацијата. 2018 година ќе биде година на видливи резултати во областа на дигитализацијата на услугите кои државата ги овозможува на граѓаните.“, порача министерот Манчевски. Тој додаде дека Владата на Република Македонија ги менува политиките, особено во делот на искористеноста на ИКТ во образованието и дека до сега се набавувал хардвер, без некаков план за негова примена и затоа денес, училиштата се пренатрупани со компјутери кои не се користат и тие се веќе застарени и голем дел од нив неупотребливи како обично железо.

„Треба да се даде поголемо значење на самата индивидуа, а поголемо значење од значењето кое вие може да го дадете на тие ученици не постои. Тука кога се градат самите ученици, кога се спремаат за новите предизвици кои што доаѓаат. Не збориме за дигитализација, збориме за нови трендови. Она што е потребно на секој тој ученик е таа содржина каде што ќе учи, каде што ќе се развива неговата логика, каде што ќе се развива неговата креативност. Како тие млади генерации ќе бидат спремни за предизвиците кои што доаѓаат? Има само еден начин. Ако се прилагодат на новите трендови на новото општество и на новите предизвици. Сето тоа, дали ќе биде со помош на игра, дали ќе биде со помош на некои одредени содржини прилагодени на секоја возраст од тоа дете ученик или студент Мајкрософт се труди да ги поттикне, да им даде храброст баш како што е и визијата на Мајкрософт. Начин како можат да постигнат повеќе. Ако не успееме да го вметнеме тоа во тие паметни детски глави ние нема да успееме да стигнеме таму каде што сакаме да сме.“, истакна Георгиев пред наставниците и специјалните гости на 365 Challenge.

„Office 365 е одговор на предизвиците кои ги напомена самиот министер и директорот. Постојано зборуваме како да се градат тие вештини за дигитална писменост бидејќи дигиталната писменост сме свесни дека е еден предизвик, но и клучен фактор при секое вработување. Кога во иднина децата и младите ќе сакаат да се вработат дигиталната писменост е клучна за тоа што се бара. Како тоа се гради? Тоа не се гради со железо, не се гради ни со софтвер, туку се гради заедно, со железо, со софтвер и со луѓе. Токму заради тоа, ние како Мајкрософт, ја нудиме платформата 365 која одговара на тие вештини кои што ние сакаме и за кои се стремиме да ги градиме кај младата популација. Тие не се само дигиталната писменост. Тие се вештините на 21-от век кои се клучен фактор на еден човек да биде успешен. Тие вештини се креативноста, тимскиот дух, иновации, како да се соработува со различни карактери на луѓе. Тоа е најзначаен фактор како да се изгради едно младо лице и како да се оспособи за идната кариера.“, рече Влора Адеми при своето обраќање на 365 Challenge.

365 challenge вклучуваше предизвик врз основа на 3 сегменти како зголемување на продуктивноста на наставниците со користење на алатките, иновативниот пристап во користењето на истите и нивниот начин на примена. Учесниците презентираа во однос на користењето на Office 365 и алатките Sway, One Note Staff, One Note Classbook, One Drive, Skype in the Classroom, MS Team, MS Office professional, Office mix и Forms. Тие беа оценети од страна на експертска жири комисија која ги воспостави 3-та најдобри во иновативниот пристап, 3-та најдобри во начинот на примена, 3-та најдобри во зголемената продуктивност при користењето на овие алатки и беше награден најдобриот финалист во сите 3 сегменти.

Microsoft со секој чекор кој го презема цели кон подобрување на ефикасноста во образованието овозможувајќи илјадници опции за поедноставување и поекспедитивно реализирање на професионалните обврски и подобри начини за учење на децата и младите.

Претходна статијаKia и Hyundai автомобилите ќе добијат AI асистент од 2019
Следна статијаНаследникот на Huawei P10 ќе се вика P20 и ќе биде претставен на почетокот од 2018?