На почетокот на секоја година, сите производители од светот на технологијата се собираат на едно место во Лас Вегас, каде ги прикажуваат своите најнови производи, но и истражувања и технологии. CES е најголемиот настан во светот на технологијата и затоа секоја година и ние го следиме со внимание и неизмерна страст.

Секоја година, на CES саемот во Лас Вегас има технологија на која најмногу се обрнува внимание, која буквално го означува саемот. Оваа година тоа место најверојатно ќе го заземе технологијата за автономно возење кај автомобилите, односно тоа е мојата храбра претпоставка. Останатото е прилично очекувано.

Автомобили
На CES нема да бидат претставени премногу модели на автомобили – за тоа се саемите во Детроит, Франкфурт, Париз и Женева. Наместо тоа, тука ќе бидат претставени голем број на напредни концепти и технологии од областа на автомобилизмот. Очекувајте сите концепти да бидат автономни, односно да прикажат различни технологии кои овозможуваат автономно возење и да имаат погон на струја или водород.

Во светот на автомобилизмот ќе биде претставена и подобрена верзија на Android Auto. Google почна да се договара фабрички да го вградува овој софтвер во многу нови автомобили, а како замена за нивните фабрички софтвери, што е одлична вест за потрошувачите, кои со ова ќе добијат многу поголем дел од апликациите што ги имаат на својот смартфон во својот автомобил.

Смартфони
За разлика од порано, поголемите производители веќе не ги претставуваат своите најдобри модели на овој саем. Сепак, Samsung најави претставување на освежената “A” линија на Galaxy телефони, која ќе биде водоотпорна, додека Asus ќе го претстави првиот смартфон со Tango AR и Daydream VR во едно пакување. Може да се очекуваат и новитети од Blackberry, додека не помалку важен ќе биде настапот на Xiaomi, кои за прв пат ќе се претстават на овој саем, веројатно со нов знаменосец.

Компјутери, лаптопи и таблети
Тука може да се очекуваат прилично голем број на нови лаптоп и таблет/лаптоп модели со Windows и Intel Kaby Lake процесори од сите поголеми производители, како Lenovo, Dell, HP, Asus и Acer. Ќе има и голем број на Chromebook лаптопи за они со поплиток џеб, додека тука се очекува AMD да ни даде повеќе информации за нивните нови Ryzen десктоп процесори.

Виртуелна реалност, изменета реалност и гејминг
Голем дел од фокусот на CES 2017 ќе биде и кон виртуелната и изменетата реалност. Овој пат очекувам да бидат прикажани поголем дел на смартфони со Daydream VR можности, како и очила (држачи) за нив. Како и секогаш на CES и оваа година ќе бидат претставени многу новитети од светот на гејмингот, како компјутери, придружни хардвери и игри.

Телевизори и “Internet of Things”
Настрана трката кај преносливите уреди и технологии, компаниите водат жестока битка за технологијата која ќе биде вградена во нашиот дом. Затоа, тука може да се очекуваат цела плејада на паметни телевизори до 4K резолуција и HDR можности, како и подобрени оперативни системи и апликации. CES ќе биде домаќин и на многу “internet of things” уреди, па очекувајте фрижидери, шпорети и тостери кои се поврзани на интернет и можат да се управуваат преку вашиот смартфон или компјутер.

Паметни часовници
Продажбата на овие уреди опаѓа и единствен кој сѐ уште има каков таков успех на пазарот е Apple. Google најави нова верзија на Android Wear 2.0, која треба да им даде поголема шанса да конкурираат на Apple Watch на Android производителите, но тоа не значи дека ќе видиме премногу нови паметни часовници. Лично, очекувам да бидат претставени голем број на фитнес тракери со делумно паметни можности.

Каква тематика и да има CES оваа година, очекувајте детална покриеност од наша страна во наредниве неколку денови – саемот почнува на 4 Јануари.

Извор: Android Central, Engadget, PC World

Претходна статијаGoogle и Fiat Chrysler претставуваат автомобил со Android
Следна статијаAsus ZenFone AR е смартфон со Tango можности за „проширена реалност“ и Daydream VR