Brian Solis [CC BY 2.0 (https://creativecommons.org/licenses/by/2.0)]

Facebook сигурно не е истата компанија од пред 10 години и повеќе, кога иако веќе се гледаше големата популарност која ја има и ќе ја има оваа мрежа, сепак уште никој не помисли степенот на влијание и големина кои ќе бидат достигнати.

По зголемувањето на бројот на корисници, но и прераснувањето на Facebook во јавна компанија поддржана од инвеститори, логично било да се очекува дека ќе почне да се мисли на обезбедувањето на самите простории и вработени, но и директорот на оваа компанија.

На почетокот, истакнуваат во детална статија од Business Insider, Закерберг им се „криел“ на своите телохранители и одел на место без да го пријави истото.

„Извори велат дека во раните 2010-ти, светски познатиот технолошки ко-основач не секогаш го задржувал својот тим за безбедност – првично само едно лице – во тек со неговите планови. Тој би можел да одлучи за кратко време да ја напушти канцеларијата, да оди на џогирање или во бар, оставајќи го својот персонал да се бори за да биде во тек.“ – истакнуваат од Business Insider.

Сепак, со растот на компанијата, се зголемуваат и ризиците, како што е случајот и со повеќето големи компании. Директорите често може да се предмет на закани, следења, па дури и љубовни понуди… Кога на ова ќе се додаде што претставува Facebook во изминатите години, како и јавниот живот на Закерберг, обезбедувањето на компанијата и директорите е навистина сериозна работа.

Според извештајот на Business Insider, обезбедувањето само на Марк Закерберг има достигнато сума од 10 милиони долари годишно. Во тимот се вклучени околу 70 луѓе, а се водени од страна на поранешен член на „Тајната служба“ на САД.

Марк Закерберг и директорката Шерил Сендберг се единствените двајца менаџери кои имаат 24/7 обезбедување, иако и на другите им е достапно по потреба.

Според информациите, Закерберг работи во канцеларија со останатите вработени, во отворен систем, но од него секогаш има обезбедување кое носи обична облека со цел полесно да се вклопи. Во просторијата има соба за состаноци која е заштитена со блиндирано стакло, но гласините поврзани со оваа просторија се уште поинтересни.

Според одредени вработени, иако не може да се потврди, во собата за состаноци има посебен премин којшто води до паркингот кој се наоѓа под канцелариите. Овој премин е замислен за итно носење на Закерберг во случај да е тоа потребно.

Деталната анализа, како и дополнителните текстови на оваа тема, можете да ги прочитате на овој линк.

Оставете коментар