Македонски Телеком отвори инкубатор за дигитални таленти, составен од тим од студенти кои ќе работат на развивање на апликации за дигитална трансформација. Освен за дигитализирање на процесите на Телеком, тимот ќе работи и на други иновативни апликации, кои ќе имаат за крајна цел – дигитализација на општеството.

Студентите, кои доаѓаат од областа на ИТ, телекомуникациите и е-бизнисот се избрани од ФЕИТ, ФИНКИ и Економскиот факултет. На почетокот тимот ќе се состои од дваесетина студенти, бројка, која со тек на време ќе расте. Најдобрите ќе имаат можност да се вработат и да стекнат интернационално искуство од најдобрата телекомуникациска компанија во земјата. Македонски Телеком гледа на дигиталната трансформација како на континуирано патување во кое ќе ги вклучи и младите луѓе кои ги следат најновите трендови и кои ќе понудат иновативни решенија.

„Ништо не може да го смени толку темелно нашиот живот како процесот на дигитализација.  А ние во Телеком сме многу сериозни кога велиме дека сакаме да сме лидер во тој процес. Ова ново партнерство е „win win“ комбинација за двете страни – ние како корпорација добиваме свежи и нови идеи, а студентите стратешки партнер за развој на нивните идеи и професионален потенцијал. Работиме на откривање и изградба на професионалци и ги охрабруваме на иновативен пристап во работењето, а ваквиот  бизнис модел очекуваме да донесе позитивни резултати и тоа многу скоро –  изјави Андреас Елснер, Главниот извршен директор на Македонски Телеком“.

Апликациите кои ќе ги создаваат студентите треба да придонесат најпрво кон поедноставување на работните процеси во Телеком, а се очекува со тек на време, со ваквиот начин на работа  да се трансформираат и продуктите и услугите на компанијата.

За новиот тим Телеком опреми простории по теркот на светските технолошки гиганти, за да имаат инспиративни услови за работа.

Претходна статијаНова кампања на РСБСП – „Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот“
Следна статијаПоттикнување претприемништво, иновации и вреднсоно лидерство остануваат во центарот на програмите и активностите на Македонија2025