shutterstock_72500704

Некои од нашите читатели можеби се запознаени со трансакцијата за спојување меѓу Tesla Motors и SolarCity. Tesla Motors знаеме дека е во сопственост и дете на Елон Маск, а кај SolarCity тој е еден од главните во управувањето заедно со неговиот роднина Линдон Рајв. Трансакцијата беше назначена од двете компании, а овој период треба да биде одобрена од акционерите на компаниите.

Исто така знаеме за Gigafactory, цела фабрика за батерии за електрични автомобили под конструкција на Tesla Motors чиј цел кров ќе биде положен со сончеви колектори – фотоволтаици. Е па, на Маск и Рајв им текна дека, всушност, еден одличен начин за луѓето на планетата да се префрлат на фотоволтаици и со тоа да се намали глобалното загадување и затоплување, е да го заменат кровот со сончеви панели. И тоа не само да ги изнаставаат на површината (што неретко знае да изгледа грдо и несоодветно) туку самиот кров да биде – панели!

Идејата е по спојот, двете компании да настапат како една (TeslaCity) и да извадат производи на пазарот кои во исто време ќе глумат и ќерамида и сончев панел. Тие ќе можат да се спојуваат меѓусебе, ќе бидат издржливи за сите временски услови (дожд, снег, сонце, ветер, град…торнада?) и ќе овозможат значително намалување на потрошувачката на енергија од надворешни извори за еден дом.

Се претпоставува дека ако само 0,6% од површината на САД се покријат со сончеви панели ќе се задоволат сите потреби за електрична енергија кај нив. Вака на хартија изгледа мало, но се работи за цели 59.000 квадратни километри што е малку повеќе од површината на цела една Хрватска или Босна и Херцеговина, а повеќе од два пати поголема од површината на Македонија (25.713 км2).

Но, ако е тој процент добар знак тогаш напорите на Маск и Рајв се одлични за целиот свет. Имено, ако секоја заедница или општество може да оддели 0,6% од својата површина за да стане енергетски независна од аспект на електричната енергија, тоа би било одличен потег. Особено кога се работи за производ кој ќе замени дел од површината која и така за ништо друго не се користи – кровови на куќи и згради.


Само да заприметам, време е да му кажеме на Маск да забави малку зошто може да се разболи од сите овие херојски проекти за трансформација на целото човештво и… потоа ќе треба да го лечиме?! Греота човекот, сè мора на свој грб да носи.

Дополнителни информации: The Guardian, Engadget, TechCrunch

Претходна статијаСамо Samsung и Apple имаат профит од смартфон бизнисот
Следна статијаQuick Assist во Windows 10 ви овозможува да контролирате друг компјутер