Логан Пол (Logan Paul) се вивна кон славата во времето на Vine (апликацијата за снимање кратки видеа од 7 секунди). Во тоа време тој имаше милиони следбеници на таа платформа кои уживаа во неговите глупости (на моменти смешни).

Оттогаш, тој стана мега-популарен и на другите социјални медиуми како Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб. Сепак, неговата публика е драстично зголемена, со оглед на масовниот број на корисници на овие платформи. Тој објавува дневни влогови во кои со огромен ентузијазам прави најразлични глупости таргетирајќи претежно помлада публика.

Но, деновиве е популарен поради нешто сосема различно. Пол на својот Јутјуб профил пред два дена објави видео од неговата посета на „Шумата на самоубиството“ во Јапонија. Шумата е ноторна по тоа што секоја година стотици млади луѓе ја посетуваат со цел да си го одземат животот.

Она што ја разбесни јавноста во САД е тоа што Пол, заедно со неговите пријатели, во видеото наидуваат на мртво човечко тело (кое го покажуваат, иако заматено, во видеото). Притоа, тие се смешкаат и не ја сфаќаат тежината на моментот премногу сериозно.

Видеото е отстрането од Јутјуб (по лична иницијатива на Пол), но претходно се наоѓаше на „Trending” листата на Јутјуб, покажувајќи дека нивниот праг на толеранција е поголем кога станува збор за креаторите со милионски следбеништва. Потоа, Логан Пол наиде на лавина од критики и напади од некои поголеми медиуми, но и од колеги „Јутјубери“.

И со право. Самоубиството не е шала, и не треба да се третира како такво. Логан Пол се извини на неколку наврати, оправдувајќи се дека се обидувал да ја подигне јавната свест за ризикот од самоубиство. Тешко е да се верува во искреноста на овие извинувања, особено откако ќе се погледне видеото.

Во еден момент од видеото, Логан вели „Ова требаше да биде забавен влог“. Слични невкусни реакции имаат и неговите пријатели.

Пред да биде отстрането, видеото (со наслов „Најдовме мртво тело во јапонската шума на самоубиствата“) имаше повеќе од 6 милиони погледи. Clickbait е првото нешто што наидува на ум во оваа ситуација. Односно, серијата на извинувања од Пол не го негираат фактот дека видеото беше објавено за да собира погледи.

Логан Пол ќе се соочи со последиците од ова видео. Но, со оглед на желбата на неговата публика да го гледа како прави најразлични глупости, треба да очекуваме да продолжи да го задоволува нивниот апетит.

Претходна статијаПо „скандалот“: Apple ќе дава попуст на замената на батериите
Следна статијаWeibo: „Протече“ список со смартфони кои ќе работат на Snapdragon 845