Веројатно најважниот оддел во Apple, кој се смета за најзаслужен за нивното препородување од 2000 година наваму е дизајнерскиот тим, на чие чело до 2015 година беше Џони Ајви. Ајви е човекот кој е најзаслужен за дизајнот на MacBook лаптопите, „се во едно“ десктоп iMac компјутерите, преносниот музички плеер iPod, најпопуларниот смартфон iPhone, најпопуларниот таблет iPad итн.

Ајви многу пати беше обвинуван дека ги има „украдено“ идеите од германскиот бренд, но факт е дека неговата интерпретација на чистиот, минималистички дизајн почна да биде копирана од многу други производители и уште поважно, стана репер за тоа како треба да изгледа еден премиум производ. Токму поради тоа, неговото враќање на позицијата на главен менаџер на дизајнерскиот оддел на Apple се смета како многу важен потег.

Но, што беше причината што тој не беше на оваа позиција две години? Кога се тргна од оваа позиција, многумина мислеа дека Ајви наскоро ќе се пензионира, но причината според Apple, кој даде кратка изјава за медиумите, е дека тој бил одговорен за дизајнот на Apple Park (новиот кампус на Apple), како и на дизајнот на продавниците на брендот ширум светот.

Тој на позицијата главен менаџер на дизајнерскиот оддел ќе ги замени Ричард Хауарт, кој беше задолжен за индустрискиот дизајн и Алан Дај, кој беше задолжен за дизајнот на корисничкиот интерфејс. Всушност, токму тие двајца го заменија Ајви пред две години кога тој се тргна од оваа позиција.

Ваквите промени во Apple би можеле да бидат позитивни за брендот и да ги намалат грешките во дизајн кои ги имаа во претходните две години, за кои директна причина би можела да биде токму заминувањето на Џони.

Извор: MacRumors, The Verge, Co Design

Претходна статијаTesla развива свој чип за вештачка интелигенција, наменет за Autopilot
Следна статијаСкопје го доби Creative Hub – бизнис центар на креативноста и неформалното образование