OLYMPUS DIGITAL CAMERA

На светската премиера на Huawei Mate 10 и Mate 10 Pro, имавме шанса да направиме интервју со Џим Шу, кој е главен во “Huawei Consumer Business Group” и човек кој е задолжен за Источна Европа. На мое изненадување, Џим е и особено добро запознаен со Македонија и ми кажа дека земјата многу му се допаѓала, но ова интервју ќе биде насочено кон други прашања, поврзани со моделите на Huawei и нивните планови за наредните неколку години на светските пазари, но и на нашиот пазар, како и насоката кон која ќе се движи развојот на нови смартфони.

ИГ: Кои се очекувањата од новата Mate 10 серија?

ЏШ: Очекуваме да продадеме преку 4 милиони примероци на светско ниво во наредната година, од кои поголемиот дел ќе се продадат во Кина, каде компанијата има 35% удел на пазарот. Планот е да се зацврстиме на второто место на најпродаван бренд на смартфони во светот, а со поголема офанзива особено на европскиот пазар.

ИГ: Која е насоката во која ќе се движи Huawei и како планира да го освои светскиот пазар?

ЏШ: Ние сме компанија која многу вложува во истражување и развој на нови технологии. Порано, бевме познати по поевтините уреди, но сега сакаме да бидеме лидери во високата технологија. Всушност, нашата најголема сила не лежи во маркетингот, туку во квалитетот на самите производи и иновациите кои ги донесуваме на пазарот. Особено големо внимание посветуваме на развојот на AI, што се гледа преку специјалниот неврален чип во Kirin 970 процесорот, кој овозможува плејада на нови функционалности во овие смартфони. Исто така, голем фокус е даден на квалитетот на истите производи и квалитетна поддршка за корисниците на сите пазари каде е присутен брендот.

ИГ: Како вештачката интелигенција ќе го подобри смартфон искуството?

ЏШ: Невралниот чип во Mate 10 и Mate 10 Pro се користи за најразлични можности. На пример, тој може супер брзо да препознае што фотографирате и да според тоа да ги подеси сетирањата на камерата за да добиете подобри фотографии или пак благодарение на него и Microsoft Translator, може да користите офлајн преведување со иста брзина како онлајн преведувачите, што може да биде многу корисно кога сте во странство. Не помалку важно, невралниот чип учи како корисникот го користи својот смартфон и помогнува во продолжување на траењето на батеријата.

ИГ: Дали размислувате моќниот Kirin 970 чип да го понудите на други производители, односно дали имате во план таков бизнис модел? Досега веќе има некои од конкурентите кои го прават тоа.

ЏШ: Засега, не планираме да го понудиме Kirin 970 или било кој друг чип на друга компанија. Тоа би можело да се промени во иднина, но засега Kirin чиповите ќе бидат ексклузивни за нашите производи.

ИГ: Минатава и оваа година видовме фокус на AR (изменета реалност) и VR (виртуелна реалност). Кое е вашето мислење за оваа технологија и дали планирате офанзива и во овој дел?

ЏШ: Овие две технологии предизвикаа жешка дискусија последниве две години и нормално и нашата компанија е фокусирана на развој на овие технологии. На овој настан не претставивме ништо поврзано со нив, бидејќи сметаме дека уште не се подготвени за пазарот, односно ние сакаме да ја направиме оваа технологија максимално лесна за користење. Секако, веќе работиме на вакви технологии и наскоро може да очекувате вести и во овој дел.

ИГ: Какви се вашите впечатоци од пазарите на Балканот и која е насоката во овој реон?

ЏШ: Многу често патувам на Балканот и искрено, многу ми се допаѓаат овие земји. Во овој реон, поголемиот дел од продажбата го држат смартфоните од средната класа, но и натаму со фокус на висок квалитет и задоволство на корисниците. Во иднина, очекуваме раст на продажбата на смартфони од премиум класата.

ИГ: Кое е вашето мислење за EMUI скинот и во која насока би можеле да го подобрите? Имам слушнато дека многу купувачи во Кина го обожуваат, но во Европа веројатно не го примаат со ист ентузијазам.

ЏШ: Ова е одлично прашање. Во право си кога велиш дека тој е повеќе дизајниран за да ги задоволи потребите на купувачите во Кина, но ако сакаме да продолжиме со раст на светските пазари, треба да направиме некои промени во него, а преку собирање на фидбек од најразлични земји во Европа и светот. Ова ќе ни овозможи подобро да го оптимизираме нашиот EMUI софтвер и да го направиме уште полесен за користење. Всушност, ние веќе имаме отворено центар за развој во Европа, кој собира фидбек од корисниците за хардверските и софтверските функционалности на нашите уреди.

ИГ: Оваа година трендот е за смартфони со мала рамка. Која е вашата позиција на смартфони кои може да се превиткаат, дали е тоа наредната еволуција во дизајнот?

ЏШ: Интересно прашање. Можам да потврдам дека инженерите во нашиот тим за истражување и развој веќе работат со различни прототипи на смартфони кои може да се свиткаат и засега сме само во тест фаза, односно не сме подготвени за лансирање на ваков уред на пазарот во брзо време.

ИГ: Кога ќе бидат лансирани Mate 10 и Mate 10 Pro на пазарот во Македонија и каде ќе може да се купат?

ЏШ: Huawei Mate 10 нема да биде достапен во Македонија, но ќе бидат достапни Mate 10 Pro и Mate 10 Lite и Mate 10 Pro на средината од Ноември и ќе бидат понудени и кај двата оператори, со цел на купувачите да им се овозможи поширока достапност на нашите телефони.

Претходна статијаСмартфонот на Razer има дисплеј со 120 Hz и супер моќни стерео звучници
Следна статијаПродажбата на таблети продолжува да паѓа, Amazon и Apple со позитивен раст