Насловот погоре и откако ќе го прочитате останува неверојатен и сензационален, бидејќи во умот на оние кои ги следат работите во компјутерскиот свет, Intel и AMD се најголемите конкуренти, нешто како Apple и Samsung, односно САД и Русија. Сепак, во очи на се посилната конкуренција од Nvidia, но и од производителите на мобилни чипови, Intel и AMD одлучија да ги спојат силите и да работат заедно за подобри мобилни чипови.

Поточно, со соработката Intel ќе почне да вградува Radeon графички чипови во своите “Core” процесори наменети за лаптопите. Ова е голем исчекор напред, бидејќи процесорите на Intel се познати по своите високи перформанси и ниска потрошувачка, но и по тоа што имаат многу слаба графика. Отсега, со вградувањето на Radeon графика, може да се очекуваат чипови во супер тенките лаптопи, кои ќе овозможат и играње на игри, како и користење на апликации кои бараат посериозна графичка моќ.

Интересно, според Intel и AMD, овие чипови нема да се натпреваруваат со Ryzen процесорите за лаптопи на AMD, кои ќе бидат наменети за пошироката публика, додека “Core” процесорите на Intel ќе бидат наменети за хард кор гејмерите. Според тоа, моја претпоставка е дека за најмалите ултрабук лаптопи и натаму ќе бидат наменети Ryzen процесорите или Intel-овите со Intel графика, додека Intel/AMD процесорите ќе бидат наменети за гејмерските машини.

Овој потег на двете компании е во очи на растот на продажбата и профитабилноста на Nvidia, која е главен играч кај гејмерските лаптопи – денес скоро секој посериозен гејмерски лаптоп користи Nvidia графика. Отсега, работите би можеле да се променат и иако не очекувам намалување на важноста на чиповите како GTX 1070 и GTX 1080 кај гејмерските системи, очекувам намалување на цените, што е секогаш добредојдено кај корисниците.

Извор: The Verge, AnandTech, PC World

Претходна статијаNichePhone-S е микро смартфон со Android
Следна статијаFacebook тестира Messenger plugin за веб страните