IBM
Фото: MIT Technology Review

IBM
Фото: MIT Technology Review

Една од најголемите технолошки компании IBM состави листа од 5 значајни иновации од кои се очекува да го променат светот во наредните 5 години. Стеснетата селекција од само 5 иновации е плод на повеќе од 3.000 истражувања направени во 12 лаборатории.

Очекувано, на списокот се наоѓаат технологии кои ќе користат AI, а примарниот фокус е во медицината и зачувувањето на околината. Списокот се темели на истражувања на пазарот како и нови пронајдоци кои допрва ќе најдат практична примена во секојдневниот живот.

Менталните заболувања се едни од најчестите појави кај возрасните во САД. Третманот на истите е во фокусот на развивачите на технологијата. Во наредните 5 години се очекува да се појави уред кој ќе дијагностицира ментални пореметувања кај луѓето. Користејќи го говорот, уредот ќе може да состави анамнеза во врска со менталната состојба на „пациентот“.

AI технологијата е нешто што долго време се најавува како game changer.

Меѓутоа обичниот човек се уште нема прилика да ја користи. Од IBM сметаат дека тоа во наредните 5 години ќе се промени. Се очекува да бидат конструирани уреди кои ќе овозможат емитување на електромагнетно зрачење на различни бранови должини. Оваа технологија се користи одамна, меѓутоа новите откритија ќе доведат до подобрување кое ќе најде примена пред се во медицината. Овие уреди се очекува да бидат преносливи и достапни, а на човештвото ќе му дадат можност да види онаму каде претходно не можел. Во комбинација со AI технологијата би можела да ги направи побезбедни патиштата, доколку биде имплементирана во новите автономни возила.

Комплексноста на светот во кој живееме ќе ни помогнат да го разбереме новите макроскопи. Тука примарно се мисли на начинот на кој ги чуваме и организираме информациите. Луѓето се склони на прибирање информации од секаков вид. Меѓутоа во пракса се користат само мал дел од мноштвото прибрани информации. Алгоритми кои самите се дополнуваат и „учат“ во иднина ќе му помогнат на човекот да ги организира и сведе на свое ниво со што ќе добие подобра претстава за опкружувањето. Спротивно од микроскопите, макроскопите ќе ја разбистрат големата слика.

Користењето на чипови во медицински цели е една од работите кои долги години се провлекува како тема во научните кругови. Намената на чиповите во медицината би била примарно во раното откривање на болести. Најтешките заболувања на денешницата имаат обичај да се кријат во човековото тело многу пред појавувањето на симптомите, па со самото тоа се тешки за откривање. Амбициозниот план на истражувачите од ова поле е дијагностиката да се сведе на само еден чип. Тој би имал капацитет да ја следи состојбата на телото и да предупреди на евентуални неправилности.

Петката научни изуми се заокружува со уред кој се однесува на загадувањето.

Екологијата доживува ренесанса во 21-виот век, а еден од главните предизвици за справување е аерозагадувањето. Најголемиот дел од гасови и соединенија кои го предизвикуваат загадувањето не се видливи со голо око. Во таа насока, технологијата развива уреди кои ќе можат да почувствуваат загадување. Овие мерачи примена ќе најдат во индустријата, односно кај големите производители на загадување. За ефективно справување со загадувањето, нужно е да се најде изворот на истото. Мерните инструменти, комбинирани со автономна технологија за управување би можеле да покриваат огромни пространства и да прибираат неверојатно многу информации.

Извори: VentureBeat, IBM

Претходна статијаЛегендарната Lisa ќе биде достапна за десктоп корисниците
Следна статијаАпликации со кои ќе станете најдобра верзија на себеси