GDPR или General Data Protection Regulation е нов закон донесен во ЕУ минатата година кој има за главна цел да ја подобри приватноста на корисниците, како и нивната информираност за што е тоа што го „даваат“ на интернет.

Можеби сте запознаени со овој нов закон, а можеби и не, но сигурно ги имате забележано согласностите кои повеќето веб страни кои ги посетувате почнаа да ги бараат од вас, информирајќи ве дека со пристапувањето на таа страна, вашата активност се следи до одредено ниво, како и тоа дека се користат таканаречени „колачиња“.

Уште од почетокот на овој закон се најави дека казните за неговото непочитување ќе бидат големи, па еве година дена подоцна, ја гледаме и првата таква казна која доаѓа од Франција за Google.

Казната е иницирана од страна на повеќе групи за права на корисниците и слични, кои своите грижи и забелешки ги доставуваат до Француската National Data Protection Commission (CNIL). Оваа организација заклучува дека Google ги прекршува правилата во GDPR законот и поради тоа компанијата ќе треба да плати казна од 50 милиони евра.

Објаснувањето е дека Google недоволно јасно ги информира корисниците за нивните практики на собирање на податоци, како што е нивната локација, како и информации потребни за пресонализирање на рекламите, кој е и главниот бизнис на компанијата.

Од CNIL истакнуваат дека информациите се распределени низ повеќе документи, а корисниците во некои случаи треба да направат повеќе активности, до 5-6, за да можат да дојдат до потребните информации за практиките на Google.

Исто така, оваа организација тврди дека Google нема правна основа за собирањето на информации поради тоа што корисниците не се баш добро информирани за тоа на кое се согласуваат.

Google истакнува дека тие се посветени на транспарентноста и приватноста на своите корисници и дека ќе одлучи што ќе направи во врска со оваа казна кога ќе ја проучат одлуката.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Local
Претходна статијаПар интелектуалци што вреди да ги следите
Следна статијаДали владите може да го банираат Биткоин?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.