Македонија наскоро ќе добие технолошка линија за рециклирање на стаклен отпад. Станува збор за технолошка линија целосно конструирана и изведена од страна на македонски компании. Проектот е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на програмата за комерцијализација на иновации.

За концептот, ефектите и oпштествената корисност на овој проект, кој е во завршна фаза, разговараме со Александар Пенев, директор на компанијата „Акрон“ која е носител на проектот

– За каква иновација станува збор и од каде потекнува идејата?

Нашиот проект е технолошка линија за прочистен стаклен гранулат од отпадно стакло. Основната функција е да го третираме отпадното стакло што во Македонија, нешто што сега никој не го прави. Вреден репро материјал завршува во депонии, а неразградливата природа на стаклото сериозно го намалува векот на траење на секоја депонија. Постои одредена еколошка свест во Македонија, но проблемот е тоа што многу малку луѓе го селектираат стаклото, а оние кои го прават тоа немаат каде да го носат. Исто така, постои мислење дека рециклирањето на стаклото, за разлика од рециклирањето на хартија или пластика, е економски неисплатливо поради што никој не е економски мотивиран да го собира отпадното стакло.

Со технологијата која ја развиваме на отпадното стакло ќе му обезбедиме одредена додадена вредност со што би се зголемила економската исплатливост. Технологијата предвидува мелење на стаклениот отпад, отстранување на нестаклените примеси како етикети, метални магнетизирачки и немагнетизирачки примеси и други контаминанти. Крајниот резултат ќе биде прочистен стаклен гранулат, стручно наречен калет. Од целокупниот проект, освен економски резултати, очекуваме и значителен придонес кон зачувувње на животната средина, што на целата операција и дава карактер на општествено корисна.

– Дали оваа технологија е македонски изум и креација или како готово решение ја имплементирате во Македонија?

Целокупната технолошка линија се произведува кај нас. Истата се состои од повеќе компоненти, кои се поврзани во една технолошка линија. Во самото дизајнирање и производство на оваа линија соработуваме со локална фирма за обработка на метал. Целиот иновативен тим е локален и се состои од тројца членови од Акрон и еден надворешен соработник. Технолошки линии за третман на отпадно стакло постојат во различни изведби и во зависност од големината и обемот чинат од 1 милион до 25 милиони евра. Ние се надеваме дека целата изведба ќе ја вклопиме во буџет од 150 илјади евра што само по себе е различно од сето она што го има на пазарот. Воведовме ситни иновации, како на пример изведбата на влезната партија на технолошката линија, која овозможува поголема контрола при дозирањето на протокот на материјал во текот на работата.

– Според вашата анализа, колкав дел од отпадното стакло во Македонија ќе собирате и како бидеќи постојат и законски регулативи за собирањето на отпадот?

Процесот на рециклирање е доста комплексен и ниту една фирма во светот не го прави од почеток до крајот. Ние се концентрираме на третманот на стаклениот отпад . Прочистениот стаклен гранулат има добра цена која е економска исплатлива. Ние веќе имаме потврда за нарачка на прочистен стаклен отпад за целокупните количини кои ќе успееме да ги обработиме. Колку ќе биде економски успешно зависи од многу фактори во нашата земја, пред се од законската регулатива и обемот на спроведување на истата во пракса. Координиранта соработка со комуналните претпријатија, како и еколошките постапувачи е императив за економската успешност на проектот.

Континуираното поттикнување на јавната свест за важноста на селектирање на оптадот уште во примарната фаза, како и спроведување на постоечката закноска регулатива, ќе дадат резултати од кои корист ќе има целокупната општествена заедница.

За почеток, ќе се потрудиме да добиеме количини на стаклен отпад пред тој да заврши на депонии како што е Дрисла, односно директно да дојде кај нас. Во тој правец планираме соработка со фирмите кои се конфекционери на рамно стакло, како и со комунални претпријатија задолжени за транспорт на отпадот. Овде се и еколошките постапувачи како Пакомак кои имаат поставено свои контејнери и соработуваат со кафулиња и ресторани од каде го собираат отпадот. Тие исто така се заинтересирани стаклениот отпад да заврши на вистинско место. Понатаму, фирми кои инсталираат нови и квалитетни прозорци кои при поставувања на нови прозорци мораат да се ослободат од старите.

– Кога новата технолошка линија за рециклирање на стакло ќе биде ставена во функција?

Местоположбата на технолошката линија е во кругот на поранешната Стакларница – Скопје и планираме да биде комплетирана до крајот на мај годинава. Нашето постоечко производство за мебел е лоцирано во истиот фабрички круг, каде во непосредна близина има депонирано огромна количина на отадно стакло кое таму лежи со децении. Од таму дојде и примарната идеја за овој проект. Најпрвин изработивме прототип машина за кршење на стаклен отпад, и правевме разни испитување  во мали лабораториски услови. Тогаш се појави Фондот за Иновации без чија поддршка немаше да влеземе во овој навистина голем и амбициозен процес. Впрочем никаде во светот вакви проекти не се прават само со приватни инвеститори, туку и со поддршка од заедницата.

– Каква визија имате за иднината на технолошката линија за рециклирање на стакло?

Првата задача секако ни е да ја финализираме изработката на технолошката линија и таа да почне да функционира. За нас ова е само прв чекор од една поголема приказна во која прочистениот стаклен гранулат ќе се претвори во готов производ со уште поголема додадена вредност и како таков ќе се извезува, од што секако корист ќе има целата македонска економија. Но, за таа приказна се надевам дека ќе имаме можност да разговараме во некоја друга прилика во блиска иднина.

Приоритет во овој момент е да започне процесот на третирање на отпадно стакло колку што е можно побргу, бидејќи во Македонија веќе со децении стаклото завршува во депонии. Тоа е повеќекратна штета. Од една страна, добар репро материјал завршува во отпад, а од друга страна се намалува векот на траење на депониите поради неразградливоста на стаклото.

Четвртиот повик на Фондот за иноавации и технолошки развој за поднесување предлог проекти е во тек и ќе биде отворен до 03.05.2017 година.  За финансирање проекти под овој повик за инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, односно 27.762.345 денари, наменети за 15 старт-ап или спин-оф претпријатија, додека за Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации обезбеден е вкупен износ од 1.000.000.000 евра, односно 61.694.100 денари, наменети за 10 претпријатија.

(Разговараше- Верица Јорданова)

Претходна статијаРСБСП апелира: Внимателно возење за безбедни празници
Следна статијаMicrosoft работи на табови за File Explorer во Windows 10