Моментално четири компании, познати компании, ја основаа организацијата Data Transfer Project или DTP при крајот на минатата година. Компаниите основачи на оваа иницијатива се Microsoft, Google, Facebook и Twitter, а истата е направена со една цел, да во време на cloud сервиси, се направи лесно и брзо префрлувањето на податоците на корисниците од еден на друг сервис.

Идејата на проектот е до некаде поврзана и со новите правила на европскиот GDPR закон, односно еден дел од него. Овој закон бара од сите компании кои работат со податоци на своите корисници, да им овозможат на видно и едноставно место да ги симнат сите свои податоци.

DTP проектот од една страна ќе им го овозможи токму ова на корисниците, меѓутоа оди и чекор понатаму. Доколку корисниците не се заинтересирани само за добивање на своите податоци или за откажување од одреден сервис, туку сакаат да пробаат нов сервис, на овој начин тоа ќе можат едноставно да го направат.

Поточно, зошто при пробување на нов сервис, секогаш корисниците да почнуваат од, условно кажано, нула. Доколку овој проект добие на масовност, корисниците ќе можат да пробаат нов сервис, а своите податоци да ги земат со себе од стариот.

Тоа значи дека доколку корисниците имаат своја листа со музика, можат да ја земат со себе. Користат одреден календар за организирање на својот ден. Овие податоци ќе може да ги земат со себе. Вакви примери има многу.

DTP работи на основа на код којшто ги поврзува веќе постојните API алатки на сервисите и овозможува тие да станат компатибилни помеѓу себе. Корисникот нема да има потреба да ги симне своите податоци, па да бара начин како да ги „качи“ на новиот сервис, а истото би се одвивало директно помеѓу двата сервиси.

Од проектот се надеваат дека што повеќе компании ќе се приклучат на оваа иницијатива, со што ќе се промовира многу поголема конкурентност помеѓу достапните сервиси.