Веќе знаете дека Фејсбук западна во длабоките неволји како резултат на случајот Кембриџ Аналитика, при што повеќе од 80 милиони корисници осознаа дека нивните податоци биле злоупотребени.

Како последица, основачот и главен и извршен директор на Фејсбук, Марк Закерберг, претходната недела се најде пред Конгресот на САД, каде што беше „грилан“ од повеќе конгресмени и сенатори.

Како главни лекции кои што може да ги извлечеме од ова, таканаречено „сослушување“, се следниве.

Сенаторите или не си ја завршиле домашната, или се во „џебот“ на Фејсбук

Очекувано е после скандал од такви размери, Фејсбук, и Закерберг на сослушувањето да бидат темелно испрашувани од страна на Конгресот. Меѓутоа, сенаторите присутни на сослушувањето се однесуваа како паднати од Марс.

Така, во еден момент, Сенаторот Хач (Hatch) го постави следното прашање:

„Како ќе одржите бизнис модел во кој корисниците нема да плаќаат за вашите услуги?“

Во нормални околности, прашањето може да помине. Но, прашањето е поставено како да доаѓа од седум-годишник, а не од искусен претставник на Конгрес кој би требало да знае за што зборува пред да ја отвори устата.

Закерберг беше еднакво вџашен од ова прашање, и го изусти она што сите го имаа во своите умови.

„Сенаторе, објавуваме реклами.“

Во друг момент, еден од сенаторите го праша Закерберг што е Фејсмеш (апликација која Закерберг ја направил во 2003, која ги споредувала лицата на девојките за да одреди која од нив е поубава).

Ова се работи кои звучат смешно кога доаѓаат од устата на искусни политичари кои би требало да прочитаат страна-две (или некој да прочита за нив) за историјатот на Фејсбук и сите работи кои довеле до случајот Кембриџ Аналитика.

Меѓутоа, ако земеме предвид дека добар дел од членовите на Конгресот имаат удел во акциите на Фејсбук, тогаш работите стануваат малку појасни.

Закерберг роботот

Веќе подолго време интернетот ни дарува шеги и мемиња на сметка на Закерберг. Многумина ја тераат шегата дека тој е робот. А, неговото сведочење пред Конгресот само ја распали страста кај истите тие што ја шират таа шега.

Сагата продолжува…

Претходна статијаTelegram блокиран во Русија со судска одлука по барање на Roskomnadzor
Следна статијаSamsung Galaxy J2 Pro – Смартфон кој не може да го поврзете на интернет