Лани во истиот период објавивме сличен текст користејќи ги воглавно податоците од изданието 20 години независна Македонија на Државниот завод за статистика. Поентата беше да се погледнат дел од податоците поврзани со животниот стандард и од една поширока перспектива земајќи предвид подолг временски период да се погледне дали и колку имаме прогрес како држава.

Ако ја прочитате тогашната колумна ќе видите дека објективно не е се така црно и дефинитивно е многу подобро по секој критериум од 90′.

Ова е апдејт на тој текст користејќи ги воглавно податоците од последното издание на ДЗС – 25 години независна Македонија и други официјални извори каде што имаме подобри податоци.

Најпрво, животниот век.  Во 91 во просек Македонецот живеел 71 години. Во 2010 живееме 3 години повеќе, додека пак последните податоци покажуваат дека живееме до скоро 76 години. Горе-доле, го следиме глобалниот тренд.

Како стоиме со платите? Според ДЗС, просечната нето-плата по вработен во 1991г. изнесувала ~3,700денари, во 2010 ~20,500 денари, а денеска е ~24,600 денари. Главното прашање е сепак што можат да купат овие плати!

Во споредба со 90тите, и квалитативно и квантитативно денешните плати вредат значително повеќе особено имајќи предвид дека во првите години по осамостојувањето наследивме троцифрена инфлација како еден од последните подароци од претходниот режим. Споредбата со 2010 е порелевантна. Од тогаш до денес трошоците за живот се пораснати за 17% додека пак просечната плата во истиот период е зголемена ~20% што значи барем по оваа метрика стандардот е горе-доле на слично ниво.

ДЗС, 25 години независна Македонија, стр. 24

Од аспект на технологија, прогресот е неспоредлив иако ова се должи пред се на глобалните трендови. Наше е само да ги држиме отворени границите и да имаме нула или ниски царини и давачки за да бидат што подостапни увезените производи за нашите граѓанин. На пример, во 2000 година, 7.9% од домаќинствата располагаа со персонален компјутер поврзан на интернет, во 2010, 47.0%, додека во 2015, 63.0%. Денеска овој индикатор е уште повисок.

И во претходниот текст покажавме дека е очигледно дека во споредба со почетокот на 90-тите денеска домаќинствата се подобро снабдени со трајни потрошни добра за ~20-30% за секој производ (!), имаат пристап до интернет во секое село по релативно ниска цена, скоро секој граѓанин (86%) има паметен телефон и скоро секој производ е двојно подостапен/поевтин него во 90-тите.

Она што може да се заклучи е дека во споредба со 90′ прогресот во скоро секое поле е неспорен. Сепак, во споредба со 2010 прогресот во Македонија скоро да стагнира. Подобрувањата се минимални што за земја во развој е недоволно за да ги задржи своите граѓани. Нешто мора да се менува посериозно.

Претходна статијаПретставена жири комисијата за наградите “SoMo Borac 2019“ и започнат процесот за пријавување
Следна статијаHuawei P30 lite со вештачка интелигенција го носи развојот на мобилната индустрија на друго ниво
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.