Деновиве е актуелен документарецот за Џордан, The Last Dance. Во десет епизоди, режисерот Џејсон Хехир ни го прикажува патот на Мајкл Џордан, веројатно најдобриот кошаркар на сите времиња, од адолесцент до легендата која е денес, со сите подеми и падови. Одличен карантински изговор за да се залепиш пред телевизор. Senna ми падна во скут неочекувано, некако рандом решив да го гледам и бев пријатно изненаден, од повеќе причини.

The Last Dance (2020)

Не знам што уште останува да се види во последните две епизоди, ама ова дефинитивно е еден од најдобрите спортски документарци на сите времиња. Можеби и еден од најдобрите документарци, точка. Како фан на кошарка и на Булси и Џордан од 90-тите, ова е мелем за очи. Низ десет епизоди, го гледаме растот на Мајкл Џордан и патот на Чикаго Булс до шест шампионски прстени. Фокусот е на последната сезона на Џордан во Булс (1997/1998), но постојано се враќаме на минатите сезони, од 1984 па натаму. Гледаме и како соиграчите на Џордан се справуваат со притисокот да се игра со него. Учиме многу повеќе од она што го знаеме за Пипен, Родман, Кукоч, Стив Кер и другите. Бев изненаден од работите што ги прикажуваат. Фасцинантно е да се гледа како Пипен и Џордан му се истураат на Тони Кукоч на Олимпијадата во 1992 година. Главните на Булс сакале да го донесат Кукоч како замена за Пипен, па овие двајцава решиле да му одржат лекција на теренот. Или пак како Џордан бара од соиграчите на Ол Стар натпреварот во 1998 година да го остават еден на еден со тогаш ѕвездата во подем Коби Брајант.

Се осеќаш како да си транспортиран во 90-тите години и не може, а да не те фати некаква носталгија, дали по седењето до сабајле да гледаш кошарка или по коментарите на легендата Љубомир Николовски. Документарецот е полн со изјави од самиот Џордан и од цела плејада на кошарски легенди и коментатори од тоа време. Покриено е се: колеџ деновите на Џордан, смртта на татко му, тормозењето на неговите соиграчи, пензијата и излетот во бејзбол, коцкањето, пиењето итн. Кога ќе почнеш да го гледаш, режисерот те носи на возбудливо и на моменти емотивно возење низ целата кариера на Џордан кое не сакаш да застане. Не знам кој доделува награди за ваков серијал, ама кои и да се, The Last Dance заслужува да ги собере сите.

Senna (2011)

Аиртон Сена ми беше познат само како легендарен возач во Формула 1. Ниту знаев како изгледа човекот, ниту пак за кои тимови возел или колку пати бил шампион. Тоа се смени пред месец дена, кога земав да ја читам биографијата “The Death of Ayrton Senna”. По насловот се гледа како завршува приказната за Сена. Биографијата ми даде премногу детали за човекот Сена, кој бил прилично духовен човек и екстремно посветен професионалец. Сакал само да биде најдобриот и правел се за да го постигне тоа. Некогаш по цена на неговата безбедност и безбедноста на неговите колеги. Бев шокиран кога во документарецот видов дека повеќе од 200 илјади луѓе излегле на улиците во Бразил за да го сведочат неговиот погреб.

Човекот е апсолутна легенда и по неговиот мајндсет, неговата посветеност и неговата добрина. По многу работи потсеќа и на Џордан, Коби и други спортски легенди. Сена загинува правејќи го она што го сака најмногу. Листајќи по Википедија, најдов дека од почетокот на Формула 1 во 1950-тите години, скоро секоја година некој возач умирал на некоја од трките. После смртта на Сена во 1994 година, преземени се сериозни мерки за заштита на безбедноста. Оттогаш, дваесет години не се случило некој Формула 1 возач да умре на патека. Се до 2015 година.  

Претходна статијаВтората надградба на Windows 10 за годинава повторно ќе биде мала и без нови функции
Следна статијаА1 Македонија со нов ексклузивен смартфон на пазарот