The Boys не ми беше на радарот, ја сретнав случајно на Јутјуб. Не знам дали беше до маркетингот на Амазон, ама не ни бев свесен за оваа серија дека постои и немаше никакво исчекување за нејзе како за други серии на Нетфликс, на пример.

Дејствието се врти околу група на суперхерои, поточно главната група на суперхерои наречена The Seven. Луѓе со супермоќи постојат насекаде, и тие се нарекуваат super-ables. Но, само седум можат да бидат дел од групата задолжена за заштита на човештвото од различни опасности. Тие се дел од поголема корпорација (Vought Corporation) која го води нивниот маркетинг и се грижи за Седумте да имаат беспрекорна репутација во јавноста.

Поради ова, Седумте се глобални суперѕвезди. На нивниот маркетинг можат да им позавидат и Марвел кои продаваат безброј производи фокусирани на нивните десетици суперхерои. Верувам дека ова е коментар и за времето во кое живееме. Друштвените медиуми и бркањето лајкови и “engagement” е животен приоритет за некои луѓе. Тоа го знаат, и искористуваат суперхероите во The Boys. Колку повеќе лајкови за нив, толку повеќе пари за корпорацијата што ги менаџира, што ги прави и нив побогати.

Ова е тоа што ја прави оваа серија оригинална. Иако се работи за суперхерои, луѓето што ги имаат тие моќи се обични луѓе со секакви проблеми и несигурности. Замислете си маалски силеџија, кој може да пука ласери со очите. Таков е еден од главните ликови и лидер на Седумте, Homelander. Тој е претставен како спој од Супермен и Капетан Америка. Но, во приватноста тој е несигурен и нарцисоиден човек на кој не му е гајле за доброто на тие околу него. Сепак, тој и остатокот од Седумте веруваат дека се суперхерои и богови кои се задолжени да го штитат човештвото.

Во главната улога се наоѓа Хјуи, продавач во продавница за електроника кој се соочува со трагедија на почетокот на серијата. Тој станува дел од екипата предводена од Бил (Карл Урбан) кои не се обожаватели на Седумте и сакаат да ги „уловат живи“. Урбан е роден да го игра овој лик, одлично се снаоѓа во улогата, како и остатокот од екипата.

Серијата е прилично крвава и дефинитивно е апсолутна спротивност на Марвел во овој поглед. Хуморот во серијата е еден од нејзините најголеми предности. Ако Марвел филмовите се полни со досетки, The Boys изобилува со интелигентен и повремено саркастичен хумор кој се чини пореален. Ликовите се детално разработени и имаат доволно комплексност за да продолжат да се развиваат и во втората сезона (веќе е најавена од Амазон).

Пресуда

Мило ми е што ја открив оваа серија. За кратко време ми стана една од омилените што ги гледав оваа година. Дури и да не сте по филмови и серии за суперхерои, можете да ја гледате, бидејќи не е структурирана како вообичаената Марвел или ДЦ приказна, со група на суперхерои и еден главен негативец. Овде секој може да биде херој а често и добрите ликови се ставени во ситуација во која мораат да прават морално сомнителни потези.

Оцена: 9/10

Претходна статијаPaint и WordPad стануваат „опционални“ апликации во Windows 10 од идната година
Следна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#10)