Пред некој ден излезе интересен извештај на една од најголемите банки во Европа – DeutcheBank.

Мала дигресија.

Дојче Банк имаат многу добар тим на истражувачи кои очигледно е дека имаат добро познавање и од Австриската економска школа и криптовалутите, па редовно објавуваат оригинални истражувања кои не се стандардни корпоративни „пејпери“. Следете ги ако ве интересира fintech областа.

Последниот документ е всушност обид на нивниот тим да шпекулираат кои идеи ќе бидат доминантни во 2030 година, а сепак имаат линк со сегашноста. Обработуваат 24 концепти – од предизвикот со населението кое старее глобално и ефектите кои ова ќе ги има врз здравството и пензиските фондови, одговорите на климатските промени, квантни компјутери, итн. Но најинтересниот дел кој привлече внимание многу помеѓу крипто ентузијастите е самиот почеток на извештајот.

Имено, Извештајот почнува со поглавје насловено „End of the fiat money?”. Jim Reid го отвора прашањето дали криптовалутите целосно ќе ја сменат природата на парите и ќе ги заменат „парите без покритие“, односно државно гарантираните пари.

Имајте предвид дека овој концепт на пари е релативно нов феномен, односно постои од 1970 година кога САД раскрстува со (полу) златниот стандард и ја одвојува вредноста на парите од вредноста на златото.

Jim објаснува како постојниот монетарен систем создаде зависност од политика на лесни пари и ниски каматни стапки од која тешко ќе биде да се излезе без сериозни политички и економски турбуленции. Но, другата страна на паричката е што алтернативата е повисока инфлација која засега е ниска поради глобални структурни влијанија (пр. 40 годишниот тренд на намалување на учеството на трудот во финалната поделба на колачот на сметка на капиталот и технологијата). Поточно:

Порано или подоцна, возможно е инфлацијата да стане инхерентна на нашиот систем и [луѓето] да почнат да се сомневаат во одржливоста на постојниот систем [на пари без покритие]. Како резултат, побарувачката за алтернативни валути ќе биде значително поголема околу 2030-тите. Дали постојниот систем ќе ја преживеЕ политичката дилема со која ќе се соочат властите при обидот да се балансираат повисоките приноси со рекордното ниво на долг? Ова е прашањето на декадата пред нас за мулти-милијарди долари (или биткоини).

Ако (кога?) дојде овој момент, криптовалутите или златото ќе бидат една од можните алтернативи.

Претходна статијаОсновачот на Twitter планира развој на отворена платформа за друштвени мрежи
Следна статијаFacebook Messenger доби Star Wars тема во чест на најновиот филм којшто излегува оваа недела
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.